Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на работната средба со амбасадорите од земјите членки и партнерите на НАТО, по повод петгодишнината од членството на Македонија во Алијансата, се заблагодари за помошта по неодамнешната трагедија во Кочани.
„Брзата реакција покажа колку е силна солидарноста, која е клучна карактеристика на нашиот сојуз и беше демонстрирана од срце. Овој настан ја потврди важноста на солидарноста, која мораме да ја негуваме како темелна вредност во нашите односи. Уште еднаш ви благодариме за поддршката и сочувството во тешките моменти за нашата земја“, изјави Муцунски.
Министерот зборуваше и за посветеноста на Владата да ја расветли трагедијата.
„Како Влада, ги преземаме сите неопходни чекори за целосна истрага на случајот, вклучително и изведување пред лицето на правдата на сите инволвирани кои придонеле за несреќата. Владата е решена да се бори против корупцијата и сите девијантни појави кои го ослабуваат нашиот систем. Нема да го дозволиме тоа. Нашата цел е да ја зајакнеме довербата и да ја унапредиме функционалноста на системот, во кој граѓаните ќе имаат целосна доверба“, рече Муцунски пред амбасадорите на земјите членки и партнери на Алијансата.