Дваесет и деветгодишниот Александар Карадакоски, управител на кочанската дискотека „Пулс“ кој почина рано утринава во Литванија каде се лекуваше после пожарот на 16 март, беше најтешко повреден, а почина поради изгореници на 90 отсто од дишните патишта, кажа министерот за здравство Арбен Таравари.
Директорот на Клиниката за хируршки болести д-р Небојша Настов, рече дека Карадакоски бил примен во нивната установа околу 6 часот утрината после пожарот кој настана околу 3 часот. Во текот на денот му се влошила состојбата, имало потреба од механичка вентилација, бил поставен на апарати за вештачко дишење и во рок од 24 часа од приемот бил транспортиран на лекување во Литванија.
„Вкупната површина на изгорениици е 36 проценти кои претежно се наоѓаа во пределот на главата, вратот и горните екстремитети, со длабочина од втор и трет стетеп, што кажува за интензитетот на пламенот кој го има зафатено. Поради оној дел од гасовите кои ги вдишал, доаѓа до оштетување на внатрешните дишни органи, што е потврдено од колегите во Литванија. Со бронхоскопско испитување е утврдено дека е оштетен голем дел од дишното стебло и како последица на тоа доаѓа до влошување на состојбата и подлегнување на повредите“, кажа д-р Настов.
Министерот додаде дека на 1 април на Карадакоски му откажле бубрезите, имал и температура.
Обдукцијата ќе биде направена на Судска медицина во Скопје, а Министерството за надворешни работи (МНР) го организира транспортот на телото.
Тројца осомничени за пожарот се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во правното лице чија подружница е дискотеката. Карадакоски беше заведен како управител на дискотеката „Пулс“ .
„Со оглед на тоа што денешната 60-та жртва од катастрофалниот пожар во Кочани е лице кое претходно беше опфатено со наредбата за спроведување истражна постапка, во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него“, соопшти Обвинителството.
Бројот на починати во пожарот во дискотеката сега е 60 лица, од кои 6 се деца, а од 193 повредени 25 се деца. Во странските медицински центри се третираат 69 повредени, а во Скопје 9. Критични се 3 пациенти, кои се лекуваат во странство. Пожарот се случи на концертот на групата ДНК поради употреба на пиротехнички прскалки, а меѓу загинатите се и шестмина членови на групата.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од ПС Кочани. Двајцата ексградоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев се во куќен притвор, а актуелниот во оставка Љупчо Папазов е во затворски притвор. Тројца осомничени кои се повредени се во болница.
Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, од високите носители на функции во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.
Б. НЕСТОРОСКА