„Ова не е несреќа, ова е убиство“, „Коруптивниот систем ги уби нашите деца“, „Марш за 59-те ангели“, пишуваше на дел од транспарентите на денешниот „Марш на ангелите“ во Кочани, што го организираа семејствата на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“. На 16 март загинаа 60 лица, меѓу кои 4 деца, а над 200 беа повредени.
Учесниците на протестот рекоа дека ако сите институции си ги извршувале своите задачи, до трагедијата немало да дојде и кажаа дека ќе ја бараат правдата за своите најблиски што ги изгубија во пожарот.
Мирниот собир почна во Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, како симбол на задоцнетата институционална реакција. Потоа граѓаните се упатија кон Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани, Полициската станица и Основниот суд и Обвинителството.
Пред институциите се задржаа кратко, а една од мајките на починатите побара одговори за тоа кој е виновен за трагедијата.
„Кој ги уби нашите ангели, кој ги уби нашите херои и кој ги пеплоса тие ангелски лица?“
Маршот заврши на истото место од каде што и почна, а граѓаните нагласија дека ќе бараат правда за своите синови, браќа, сестри, братучеди, братучетки, внуци, сограѓани, кои загинаа во пожарот.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од ПС Кочани. Двајцата ексградоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев се во куќен притвор, а актуелниот во оставка Љупчо Папазов е во затворски притвор. Тројца осомничени кои се повредени се во болница.
Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, од високите носители на функции во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.