Две години затвор пресуди судот во Тетово за Менсур Пајазити, кој во 2022 на пешачки премин ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска. Тој првин беше осуден на три години затвор, а по неговата жалба казната му беше намалена на две години затвор. Апелација ја поништи оваа одлука и случајот го врати на повторено судење. По неколку одложувања, денеска почна рочиштето на кое судијата Ељведин Ферати веднаш ја изрече казната две години затвор за стореното дело.
Првото судење го водеше судијката Верка Костовска, која во ноември 2024 заминала во пензија. Повторното судење започна на 4 март 2025, со судијата Ељведин Ферати.
Менсур Пајазити, роден 1973, беше огласен за виновен за кривично делото Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за смртта на Ристовска.
„Виновен е затоа што на 15.08.2022 година во Тетово, како учесник во сообраќајот не се придржувал до прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Управувал возило ‘бмв’ и се движел по булевар со брзина од 59 километри на час, која брзина не е прилагодена на условите на патот за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот, сега покојната Теодора Ристовска, која поминувала на обележан пешачки премин“, наведе судијата Ељведин Ферати при читањето на пресудата.
Одлуката на судот предизвика гнев и неверување кај членовите на семејството на Ристовска.
„Колку вреди животот во Македонија? Колку вреди животот на сестра ми, дали животот некој може да ѝ го врати. Дали нејзината младост може некој да ја врати? Мојата младост дали може некој да ја врати? Мојата душа дали може некој да ја врати? Две години го осудија што уби човек. Колку вреди животот во Македонија дали некој ќе ми објасни, колку вреди животот на сестра ми? Со две години ние треба да бидеме задоволни? Он мора да ја добие максималната законска казна од 5 години за да веруваме дека има правда“, низ солзи зборуваше сестрата на Теодора, Ева Ристовска.
Таткото на Теодора кога ја слушна пресудата крајно револтиран истрча од судницата.
„Згаден сум од оваа држава, што да очекувам од оваа држава, плачам за правда, правда нема. Нема никогаш да има правда во оваа држава. Готово, оваа држава отиде. Младите бегаат и ние постарите ќе бегаме. Ова не е држава“, сиот растревожен низ солзи зборуваше Круме Ристовски.
Од одлуката на судот воопшто не е задоволна ниту адвокатката на семејството Ристовски.
„Менсур Пајазити, призна дека ја одолговлекувал правдата, а и такви одговори добивме и од институциите. Судот изрече казна од две години, да видиме дали обвинителството ќе поднесе жалба на оваа казна, бидејќи ние како оштетена страна имаме право да поднесеме жалба само за имотно-правно побарување. Во својот завршен збор обвинетиот ниту еднаш не го слушнавме дека изразува каење, жалење и извинување за тоа што се случило, туку цело време се претставуваше како тој да е жртва во постапката“, изјави адвокатката Наташа Ѓорчевска.
Теодора Ристовска во август 2022, кога минувала на пешачки премин, била прегазена од автомобил со која управувал Менсур Пајазити. Веднаш била префрлена во болница во Скопје, но по неколку дена почина од повредите. По сообраќајната несреќа на првото судење, во ноември 2023, Пајазити ја призна вината и беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, а Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Право на жалба има Обвинителството, а семејството како оштетена страна, има право само за имотно-правно побарување.
З. АНДОНОВ