Во Основниот суд во Струга и денеска се одржаа судски предмети против градоначалникот Рамиз Мерко, овојпат за незаконско поставување директори на училишта во Лабуништа, Радолишта, Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и за училиштето во Велешта, за кое се води одвоен предмет.
Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење.
Во судската постапка за училиштето во Велешта има и други обвинети кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“.
Бранителот на обвинетата Егзона Шеи, која се сомничи дека ја фалсификувала дипломата, рече дека на обвинителната клупа не се седнати лицата кои ја фалсификувале исправата туку Егзона за која, како што тој тврди, нема докази за утврдување на вина.
„Се гони некој за фалсификување за облик од тоа кривично дело ‘Употреба на фалсификувана исправа’ без да се утврди, да се даде доказ дека станува збор за фалсификувана исправа и без да се покрене било која постапка против тие што ја фалсификувале исправата. Затоа очигледно е дека тука нешто не е во ред, а ние тоа ќе го докажеме во текот на доказната постапка и сослушувањето на обвинетите“, рече Димитрија Цобоски, адвокат на обвинетата Егзона Шеи.
Сведокот Урим Каба, кој требаше да биде донесен со полициска асистенција, поради здравствени причини не се појави во судницата, но судијата Јордан Јованов рече дека биле обезбедени сите механизми тој да биде донесен на следната расправа.
„Уште овој сведок остана и на странките им најавив дека на наредната расправа ќе се сослуша и овој сведок и обвинетите и предметот ќе биде завршен. Процесот на обезбедување на сведоците беше тежок но со вложување на поголеми напори и со координација на сите засегнати страни во постапката, вклучително и на полицијата гледаме дека полека доаѓаме до некоја завршница“, рече судијата Јордан Јованов.
На 10 јуни е закажано последно рочиште на кое ќе бидат сослушани сведокот и обвинетите.
С. ВРЕНЦОВСКА