ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТО ВО КОЧАНИ ПРОШИРЕНА УШТЕ ЗА 19 ЛИЦА, ДОСЕГА ОСОМНИЧЕНИ СЕ ВКУПНО 45 ФИЗИЧКИ И 3 ПРАВНИ ЛИЦА

    ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТО ВО КОЧАНИ ПРОШИРЕНА УШТЕ ЗА 19 ЛИЦА, ДОСЕГА ОСОМНИЧЕНИ СЕ ВКУПНО 45 ФИЗИЧКИ И 3 ПРАВНИ ЛИЦАДенеска на мирен протест семејствата на загинатите млади луѓе и деца, побараа правда и отчет за тоа кој ќе одговара за неописливата трагедија (Фото: Ѓ. Личовски)

    МВР до Обвинителството на Кочани поднесе кривична пријава за дополнителни 19 лица за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, откако истрагата за катастрофалниот пожар во неисправната дискотека „Пулс“ кој одзеде 61 млад живот, денеска беше проширена.

    Се апси секое одговорно лице во Министерството за економија и во други институции од 2012 година, откога датира објектот како дискотека.

    Меѓу уапсените денеска, се поранешниот министер за економија Беким Незири, кој пред две години влезе во МНАВ и истепа контролор на летање, потоа долгогодишниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор Шабан Салиу, Ваљон Сарачини – поранешен министер за економија, и други.

    Осомничен е и Дритон Кучи, поранешен министер за економија, кој во моментов е амбасадор на Македонија во Норвешка. Тој напиша на Фејсбук дека доаѓа пред обвинител, со првиот авион. Уапсен бил и актуелниот директор на ДЗС Џеват Селами.

    „Станува збор за службени лица кои во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат“, соопшти МВР.

    Поранешните функционери се осомничени дека со години го загрозувале животот на стотици и стотици луѓе во објектот кој не исполнувал услови, со тоа што не презеле ништо да го затворат, односно да не му издаваат повеќе лиценца.

    „Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре ‘Клуб Пулс’ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК беше предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца“, наведува МВР.

    Со ова, до овој момент, Кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена.

    Вечерва ОЈО Кочани до судија на претходна постапка во Основниот суд ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира