СВЕДОЧИ ПАЛЕВСКИ, НЕ ПРИЗНАВА НИ ДЕКА ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ, НИ ДЕКА ГИ КИДНАПИРАЛ

    СВЕДОЧИ ПАЛЕВСКИ, НЕ ПРИЗНАВА НИ ДЕКА ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ, НИ ДЕКА ГИ КИДНАПИРАЛПалевски вели дека не бегал во Турција, туку бил да се одмори 12 дена од партиските состаноци и за да се спреми за конгресот. (Фото: СДК.МК)

    Со барањето да се претстави, да каже нешто за себе и со прашањето: дали се чувствуваш монструм и убиец, како што те претставија во медиумите, адвокатот го почна директното испрашување на Љупчо Палевски, обвинет за организирање на киднапирањата и на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

    „Ниту едното, ниту другото. Ни монструм ни убиец не сум. А мотивите за таквите квалификации се зашто шефот на Скопското јавно обвинителство и Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари, а Спасовски дал дозвола ирански државјанин, шверцер на дронови да отвори нерезидентни сметка во НАТО-банки во Македонија. Спасовски изврши морален атентат врз еден човек, врз мене”, рече Палевски.

    Потоа ги навредуваше медиумите.

    „Медиумите се  платени и корумпирани од банкарскиот сектор и без поддршка од овој сектор, нема да постојат. Над  година дена врескаат дека има докази, а до прес-конференцијата на 5 декември 2023 година кога бев претставен како убиец и монструм, имало само едно вештачење на доказите”, кажа Палевски.

    Палевски ги нарече присутните на новинари „багра”. Рече дека новинарите истуриле огромна количина лаги против него. 

    Додаде дека Кривичниот суд го киднапирал.

    „Не сум ги убил, ниту ги киднапирал Вања и Панче, зашто не сум имал ни мотив. Обвинителството ми одзеде хард диск со 200.000 разговори, гнасотилаци на политичката елита, па не морало да убивам. Сум можел да уценувам со тие разговори, ако сум сакал да добијам пари”, се бранеше Палевски.

    Рече дека ги познава сите обвинети, освен Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, за кого кажа дека го запознал преку кривичната пријава. За Влатко Кешишев кажа дека е политички неук, но политички стабилен, за Велибор Манев дека е амбициозен, но алчен за пари. За Боре Видевски кажа дека бил скромен и професионален.

    Раскажа дека не бегал во Турција, туку бил да се одмори 12 дена од партиските состаноци и за да се спреми за конгресот, но потоа кажа дека куќата во Баликесир ја изнајмил за еден месец.

    Сведочењето продолжува. На Палевски и останатите обвинети им се заканува и доживотна затворска казна, ако процени судот дека обвинението е докажано.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира