Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение за физичко лице и правен субјект за рушењето на зградата на Работничкиот универзитет во Велес. По извршеното градежно, економско и електротехничко вештачење, извршениот распит на лицата и обезбедената документација за работните машини, ОЈО Велес го поднел обвинението до Основниот суд во Велес.
„Поднесен е обвинителен акт за едно физичко лице и обвинителен предлог за правното лице кое вршело ископ на градежната јама спротивно на прописите за градење. Обвинението за физичкото лице е за Тешки дела против општата сигурност, а за правното лице за Предизвикување опасност при градежни работи“, одговорија од ОЈО Велес на поставеното прашање дали завршила истрагата за овој предмет.
Од ОЈО Велес додаваат дека обвинението е во фаза на оценка пред Основен суд Велес.
По паѓањето на зградата на 17 јуни 2022, локалната власт со писмено соопштение се обрати до јавноста, откако нејзините служби извршиле увид.
„Службите на Општина Велес извршија увид во целокупната постапка за добивање одобрение за градба, каде е констатирано дека се запазени сите правни процедури. Утврден е пропуст во текот на постапката за добивање одобрение за отстранување на постоечки објект, односно по доставеното барање од страна на инвеститорот истото не е издадено од Општината поради чекање на потребните согласности. Самиот инвеститор своеволно започнал со рушење без да добие одобрение“, пишуваше во соопштението.
Локалната власт издала одобрение за градба во март 2022, но не и одобрение за рушење.
Зградата на Работничкиот универзитет била изградена околу 1920 година. Ги преживеела бомбардирањата на Германците во април 1941, за да потоа биде нивни штаб до есента 1944. Останала недопрена и од сојузничките бомбардирања во 1944 и при борбите за ослободување на Велес во ноември 1944.
П. ПЕЧКОВ