СО ДЕНОВИ НЕ СЕ СОБИРА ЃУБРЕТО ОД КУЌИТЕ НИЗ СКОПЈЕ, „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ВЕЛИ СЕ ОБЈАВУВАЛЕ СТАРИ ФОТОГРАФИИ

    СО ДЕНОВИ НЕ СЕ СОБИРА ЃУБРЕТО ОД КУЌИТЕ НИЗ СКОПЈЕ, „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ВЕЛИ СЕ ОБЈАВУВАЛЕ СТАРИ ФОТОГРАФИИ„Со денови ни стојат кантите на улица, чекајќи да се подигне сметот, но џабе, затрупани сме во ѓубре“, велат жители на населбата Хром. (Фото: СДК.МК)

    Со денови ЈП „Комунална хигиена“ не го собира ѓубрето од кантите во индивидуалните куќи во Скопје. Граѓаните од населбите низ Скопје се жалат дека воопшто не се почитува динамиката на работа која предвидува сметот од кантите да се собира двапати во неделата. Камионите на „Комунална хигиена“ доаѓаат еднаш неделно, а се случува да ги нема и по десет дена, па преполни канти стојат на улиците, а околу се оставаат и кеси со ѓубре оти во кантите нема место.

    „Ѓубрето се собираше двапати во неделата, во среда и сабота, но сега нема никаков ред. Не знаеме кога ќе дојде камион и дали воопшто ќе дојде. Со денови ни стојат кантите на улица, чекајќи да се подигне сметот, но џабе, затрупани сме во ѓубре“, велат жители на населбата Хром.

    За проблемот реагираа од Општина Карпош, од каде упатија барање до „Комунлна хигиена“ да почне со редовно собирање на ѓубрето.

    „Општина Карпош е соочена со континуирани поплаки од граѓани кои живеат во колективни станбени згради и од граѓани кои живеат во индивидуални куќи. Граѓаните на Карпош кои живеат во индивидуални станбени објекти никогаш не се жалеле на подигнувањето на кантите за смет. Тие секогаш и редовно се подигаа двапати неделно во сите индивидуални населби. За жал, последниве десетина месеци сведоци сме на нередовното подигнување на кантите со смет во Влае, Тафталиџе 1, Тафталиџе 2, Млечен ресторан, Козле, Трнодол, Жданец, Нерези. Од двапати, почнаа да ги подигнуваат еднаш неделно, а некогаш ниту еднаш. Иако граѓаните плаќаат ѓубретарина и за куќата и за дворот, собирачите на смет одбиваат да ги подигнат уредно спакуваните кеси со кастрени огради или со косена трева. Значи, воведуваат нови правила кои само нив им одговараат. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. Собирањето на сметот од пред колективните станбени згради отсекогаш повеќе или помалку било рак-рана. Но, сега ова состојба е доведена до ужас. Готово да нема контејнери кои не се преполни со смет, како и околината околу нив“, велат од Општина Карпош.

    Иако постојано на социјалните мрежи граѓани објавуваат фотографии и се жалат на нередовно собирање на ѓубрето, не само од индивидуалните куќи, туку и од контејнерите на улиците, од ЈП „Комунлна хигиена“ тврдат дека нема никаков проблем и дека се објавуваат стари фотографии.

    „Во врска со објавените тврдења и фотографии што преку одредени медиуми ги пласира Општина Карпош, би сакале да ја информираме јавноста дека посочената фотографија е снимена и објавена пред неколку години и ни најмалку не ја отсликува реално моменталната состојба со подигнувањето на отпадот во оваа скопска општина. Подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад од контејнерите и од кантите во индивидуалните домаќинства во Општина Карпош се одвиваат согласно вообичаената динамика предвидена со оперативниот план за собирање комунален отпад на територијата на Град Скопје“, велат од „Комунална хигиена“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира