НАШИТЕ ДЕЦА БЕА УБИЕНИ ОД АЛЧНОСТА, РЕКОА НА ТРЕТИОТ ПРОТЕСТЕН МАРШ СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“

    НАШИТЕ ДЕЦА БЕА УБИЕНИ ОД АЛЧНОСТА, РЕКОА НА ТРЕТИОТ ПРОТЕСТЕН МАРШ СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“Протесниот марш беше насловен „Задоцнета реакција“. (Фото: Принтскрин Радио Кочани)

    Семејствата и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кoчани заедно со стотици граѓани денеска по третпат излегоа на протестен марш низ улиците во градот.

    Во молк граѓаните со слики од загинатите деца пешачеа од Паркот на револуцијата кон трговскиот центар, Општина Кочани, полицијата и Основниот суд. Маршот беше насловен „Задоцнета реакција“, а родителите на загинатите рекоа дека полицијата не интервенирала навремено и побараа одговорност.

    „Нашите деца беа убиени од алчноста, правдата мора да излезе на виделина“, рекоа семејствата на загинатите во трагедијата, која се случи на 16 март.

    Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, а повредени беа 193, од кои 25 деца.

    Над 60 лица досега се под истрага за пожарот. Под истрага се сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира