Малиот мермерен блок е сведок на местото каде се погребани 14 мигратни, кои ред десет години загинаа во железничка несреќа помеѓу Велес и железничка станица Рајко. Локацијата на заедничката гробница е на градските гробишта во Велес, во Раштани, на ивицата од парцелата, блиску до оградата и тешко достапно. Спомен-обележјето е на арапски јазик со стих од Куранот. Погребот и локацијата беше финансиски поддржан од Општина Велес, а спомен-обележјето го постави хуманитарката Ленче Здравкин.
На 23 април 2015 околу 22:30 чaсот, на релацијата помеѓу Велес и железничка станица Рајко меѓународниот патнички воз од Солун за Белград, смртно прегази 14 мигранти. За десет години, досега се идентификувани петмина. И тоа од нивни блиски кои дошле до Велес, за да ги препознаат врз основа на фотографии. Починатите мигранти биле од Авганистан и едно лице од Сомалија.

Локацијата на заедничката гробница е на ивицата од парцелата, блиску до оградата и тешко достапна, а спомен-обележјето го постави хуманитарката Ленче Здравкин. (Фото: СДК.МК)
Истрагата по сведочење на присутните открила дека до несреќата дошло откако две групи бегалци, Авганистанци и Сомалијци, почнале меѓусебно да се каменуваат, па не го забележале возот кој доаѓал. Од вработени во Железница блиски до машиновозачот, можеше да се дознаат детали за моментот на несреќата, кој оставил силна лузна врз возачот на локомотивата, кој денес е пензионер, а го управувал меѓународниот воз бр. 334.
„Местото на несреќата е тешко пристапно. Освен пругата нема можност каде да се избега, лево и десно сѐ е шума и земјен брег. Групата која броела околу стотина лица, била забележана од машиновозачот. Тој почнал да свири и кочи, но со оглед на брзината, потребни се најмалку 200 метри да сопре. Некои успеале да скокнат и се спасат, а други за жал биле удрени од локомотивата. Можете да замислете кога таква машина, толку моќна, тешка и голема е оштетена од ударот во група луѓе“, велат вработени во Железница, кои ноќта биле на местото на несреќата.
Меѓу починатите имало и жени и деца, првиот идентифукуван беше во декември 2015, 17-годишниот Халил Панахи од Авганистан. Неговата фамилија, татко и мајка, заедно со четирите деца на пропатување низ Велес кон државите од Запад, го препознале според фотографијата. Тие дознале дека нивниот син загинал во железничката несреќа и барале да го идентификуваат. Поради шокантноста, фотографиите ги видел само таткото, не и мајката, таа не ќе можела да го издржи тоа. Таткото потврдил дека тоа е нивниот син Халил, кој имал 17 години. Фамилијата Панахи заминале на местото од заедничката гробница, каде се погребани сите 14 лица. Го посетиле гробот на најстариот син и следниот ден ја напуштиле Македонија, заедно со четири деца. Таткото кажал дека нивниот син Халил заминал во февруари 2015 година од Авганистан, со желба за подобро утре и иднина. Во одреден период имале комуникација, знаеле за неговото движење, но потоа се изгубила трагата од него. Од сведоците на настанот, посредно Панахи дознале дека синот загинал во железничката несреќа на 24 април, близу Велес.

Првиот идентифукуван беше во декември 2015, 17-годишниот Халил Панахи од Авганистан (во кафена јакна, втор од десно). (Фото: Архива)
Од починатите има земено ДНК за утврдување на нивниот идентитет, досега сите петмина се врз основа на фотографии.
Бидејќи местото каде е случи трагедијата е тешко пристапно, лекарските екипи на Брзата помош од Велес едвај пристигнале до таму. Екипите кои ноќта била на дежурство, се присетуваат дека биле превезувани со воз на МЖ. Кога стигнале помош не можеле да дадат.
„Тоа беше страшна слика, катастрофа. Сме биле и на други увиди, каде имало по еден или двајца прегазени. Ама овде беше нешто лошо, немам зборови со кој можам да ја опишам глетката. Тоа е кошмар кој ме следи цел живот“ , вели еден од членовите на докторската екипа која била на лице место. Виделе расфрлани органи од телата, препознале и деца и жени.
Патниците, велешани кои утрото со првиот воз во 5 часот, се упатиле на работа кон Скопје, ја доживеале несреќата на Железничката станица Велес.
„Се качувавме на возот, кога на перонот до нас, што да видиме. Црни вреќи со починати луѓе. Не знаевме што се случило. Вагонот беше отворен и на него поставени десетина тела. Беше темно не се гледаше најдобро, но беше трагично. Кондуктерот потоа ни кажа за несреќата“, раскажува велешанец кој утрото како патник бил на железничка.
Екипите кои учествувале во истрагата се присетуваат зошто не биле идентификувани починатите.
„Во ранците од багажот на загинатите најдовме некои патни исправи, но на сите беше ист ден на раѓање. Ова упатува дека податоците не се сосема точни и не можевме да ги прифатиме за вистинити“, кажа лице дел од истрагата.
Истрагата утврдила дека машиновозачот ја управувал локомотивата со брзина од 80 км/ч. Таа е уште отворена за идентификација на преостанатите девет починати лица. Сите тие биле членови од семејства, кои тргнале кон подобар живот, но не го дочекале. Оваа железничка несреќа е втора по бројот на жртви по македонските пруги. Најголемата е со 15 починати на лице место, која се случила на ноќта на 29 јануари 1946, во 23:20ч. на истата релација железничка станица Рајко Жинзифов – Велес. Дали и колку починале подоцна во болниците, нема пишан документ.
П. ПЕЧКОВ