ПРЕД 73 ГОДИНИ ЗАГИНАЛЕ 15 ЛИЦА НА ИСТИОТ ДАТУМ И МЕСТО КАКО СИНОЌЕШНАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА НЕСРЕЌА НА ПРУГАТА ВЕЛЕС-СКОПЈЕ

    ПРЕД 73 ГОДИНИ ЗАГИНАЛЕ 15 ЛИЦА НА ИСТИОТ ДАТУМ И МЕСТО КАКО СИНОЌЕШНАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА НЕСРЕЌА НА ПРУГАТА ВЕЛЕС-СКОПЈЕОбнова на железничката станица во Велес во 1946 (Архивска фотографија)

    Синоќешното излетување на локомотивата по удар во карпа близу железничката станица Рајко Жинзифов, случајно по датум и место се поклопува со најголемата железничка несреќа во Македонија, која се случила пред 73 години. За неа е малку познато, а се спомнува во книгата на велешкиот новинар Петар Алексовски, кој во неколку реченици ја забележал оваа несреќа. Се случила на ноќта на 29 јануари 1946 во 23.20 часот. Тогаш на лице место загинале 15 патници.

    „Возот кој вечерта тргнал од Скопје во 21 часот удрил во падната карпа, од одрон, кај месноста Влавчани на делот од пругата после Рајко кон Велес. Возот бил преполн со патници кои биле во 3-4 патнички вагони. Бидејќи во тоа време немало многу локомотиви, во повоена Македонија, со истиот воз на 5-6 товарни вагони се превезувало железнички шини и прагови за пругите кои се обновувале од војната. По ударот на локомотивата во паднатата карпа, освен што дел од патничките вагони излетале, во нив продрел дел од стоката која ја превезувале товарните вагони, шините. Тоа предизвикало да на лице место загинат 15 патници а 40 да бидат потешко повредени“, запишал Алексовски.

    Железничката станица во Велес во 1930-тите години. (Архивска фотографија)

    На таа несреќа се сеќава и велешанецот Владимир Пармаков. Неговиот татко бил еден од бројните повредени.

    „Татко ми Андреја ми раскажуваше за несреќата. Тој се враќал од Тетово, каде како трговец имал работа. Се случила доцна ноќта, откако удрил во карпа која била на шините. Знам дека возот завршил во реката Вардар, а бидејќи местото било тешко пристапно, војската која дошла на помош имала сериозни потешкотии да помага. На татко ми ногата му беше тешко повредена и цел живот, до 91 година тој имаше мака. Такво било времето, немало современи апарати за да се помогне“, вели познатиот велешки угостител Пармаков.

    Меѓу загинатите бил велешанецот Славко Агушев.

    „Свекрва ми Деница раскажуваше за несреќата, дека загинале многу луѓе. Славко заминал утрото за Скопје, носел некому пари, се враќал вечерта со воз и карпата паднала кај железничка станица Рајко Жинзифов. Знам дека возот удрил во карпа. Меѓу починатите бил и Славко, татко на мојот сопруг“, вели Стојна Агушева.

    Меѓу загинатите патници имало лица од Битола, Валандово и други места. Напомош дошла војската која ги вадела телата од згмечените вагони, а мртвите и ранетите со тешкотии се пренесувале до Велес. Ранетите со возила на УНРА, со „џемсови“ биле пренесувани во скопските болници, оти велешката не можела да им даде помош. Нема податок колку патници подоцна починале од оваа несреќа.

    Близу ова место, каде се случила најголемата железничка несреќа во Македонија, на 23 април 2015 загинаа 14 мигранти кои беа удрени од товарен воз, кој сообраќал од Велес за Скопје. Несреќата се случи во 22,30 часот помеѓу железничката станица Рајко Жинзифов и стојалиштето Пчиња.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира