Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за директни преговори со Украина без предуслови, соопшти денеска Кремљ.
„За време на вчерашните разговори со пратеникот на Трамп, Виткоф, Владимир Путин потврди дека руската страна е подготвена да го продолжи преговарачкиот процес со Украина без предуслови“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе руската новинска агенција Интерфакс.
Американскиот претседател Доналд Трамп го испрати својот специјален пратеник Стив Виткоф во Русија на разговори по четврти пат и според Кремљ, средбата со Путин траела околу три часа. Потоа Трамп изјави дека може да се постигне договор во конфликтот.
Путин постојано ја нагласува својата подготвеност да разговара со Киев, иако рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски прво ќе мора да го повлече својот указ за забрана на такви разговори. Без овој предуслов, ова би можело значи враќање на ситуацијата на почетокот на војната, кога Украинците и Русите директно преговараа во обидите да се стави крај на војната.
Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски имаа „многу продуктивна“ средба денеска во Рим, изјави претставник на Белата куќа, додека двајцата лидери присуствуваа на погребот на папата Фрањо. Портпаролот на канцеларијата на Зеленски рече дека двајцата лидери, на средбата во базиликата „Свети Петар“ која траела околу 15 минути, се договориле да имаат втор состанок подоцна во денот и дека нивните тимови работат на аранжмани за тоа, но Трамп замина од Рим веднаш по погребот.
По средбата со Зеленски, Трамп се закани дека ќе воведе санкции кон Русија . Нема причина рускиот претседател Владимир Путин „да гаѓа проектили во цивилни области, градови и населени места во последните неколку дена“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“. „Ме тера да мислам дека можеби тој не сака да ја прекине војната, тој само ме матка и мора да се постапува поинаку, преку ‘банкарски’ или ‘секундарни санкции?’. Премногу луѓе умираат!!!“ напиша тој.
Неговите коментари се во време кога Вашингтон врши притисок врз Украина да прифати договор за ставање крај на војната што ќе вклучува големи отстапки, финансиски и територијални, и додека Москва продолжува да го бомбардира својот сосед и покрај наведените повици за мир.