ЗАГАДЕНО Е И КОГА Е ВЕДРО

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ЗАГАДЕНО Е И КОГА Е ВЕДРО

    Со гас маски и со транспаренти на кои со зборовите на македонските револуционери и писатели, активистите на невладината „Гоу Грин“, испратија порака до граѓаните дека не треба да се откажуваат од битката за чист воздух во Скопје. Оваа акција за подигање на свеста за аерозагадувањето е дел од кампањата „Мрдни со прст“, а поддржана од Националниот младински совет на Македонија.

    „Акцијата почна на почетокот на овој месец, беа оддржани две работилници за подигнување на свеста кај младите за проблемите од аерозагадувањето и креативно изразување. На тие работилници беа изработени пораките, а потоа ги направивме и фотографиите. Сакаме да порачаме дека проблемот со аерозагадувањето треба постојано да се актуелизира, бидејќи деновиве иако е разведрено и не се гледа дека е загадено, сепак е загадено. Според мерните станици за квалитетот на воздухот во сите општини во Скопје загадувањето е 200 до 300 микрограми на кубен метар со ПМ10 честички и е далеку од дозволените 50 микрограми“, вели Марко Соколовски, од „Гоу Грин“.

    Тој објасни дека акцијата ја насловиле „Т’га за воздух“, бидејќи на тој начин сакале да го покажат копнежот на гражаните за чист воздух.
    „Ако беше сега жив Миладинов, ќе копнееше за чист воздух. Податоците од мерењата покажуваат дека загадувањето на воздухот е константно. Така последниве 11 дена честичките прашина се над дозволените граници, а во меѓувреме имало еден ден каде загадувањето било под 50 микрограми, а континуитет од 10 дена е неопходен за да преземат надлежните некакви мерки“, вели Соколовски. Министерството за животна средина и просторно планирање извести дека на владината седница оддржана на 15-ти овој месец донесени се заклучоци со кои Министерството за внатрешни работи е задолжено, во најкус можен рок, да направи измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, за да може да се воведе мерката пар-непар во сообраќајот.

    „Владата ги задолжи сите органи на државната управа, им препорача на агенциите, фондовите, бироата, а им укажа на заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја ограничат до 50 отсто употребата на службените возила при надминување на прагот на алармирање“, велат од Министерството за животна средина.
    Владата им препорачала на општините и на претпријатијата за јавен паркинг да ја зголемат цената на паркинг услугите кога загадувањето на воздухот е над прагот за алармирање од 100 микрограми на кубен метар ПМ10 честички во воздухот.
    „Оваа препорака е дадена за да се стимулира користењето на јавен транспорт и друг вид алтернативен превоз“, велат од Министерството за животна средина.

    К. СЕЈФУЛА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира