СИ ВЕТИВМE, СÈ ДОДЕКА И ПОСЛЕДНИОТ ПОВРЕДЕН НЕ ИЗЛЕЗЕ ОД БОЛНИЦА, ЌЕ РАБОТИМЕ ЗА ПОМОШ НА НАСТРАДАНИТЕ, ВЕЛАТ ОД „СУПОРТ КОЧАНИ“

    СИ ВЕТИВМE, СÈ ДОДЕКА И ПОСЛЕДНИОТ ПОВРЕДЕН НЕ ИЗЛЕЗЕ ОД БОЛНИЦА, ЌЕ РАБОТИМЕ ЗА ПОМОШ НА НАСТРАДАНИТЕ, ВЕЛАТ ОД „СУПОРТ КОЧАНИ“Не сакаме да добиваме информации за ампутирани раце, но, за жал, реалноста е таа, добиваме и такви вести, велат од „Супорт Кочани“ (Фото: СДК.МК)

    Четириесетина млади од Кочани се вклучија во работата на кампањата „Супорт Кочани“ (Support Kocani). Во неа има студенти, млади вработени, средношколци, кои се посветија за помош на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март и на семејствата на настраданите по трагедијата во која загинаа 62 млади луѓе, а 193 беа повредени, од кои 25 деца. Тие вложуваат дел од нивниот живот, од нивното време за помош на, како што велат, другарите.

    Кога започнавме, си ветивме сами пред себе, ќе работиме сѐ додека и последниот повреден не излезе од болница и дојде дома. Наше е да им помогнеме, да ја анимираме јавноста. Благодарни сме им на сите кои досега помогнале, но свесни сме дека е потребно уште. Лекувањето на повредените не е чин, туку процес. Ако беше чин, ќе се знаеше колку чини, но овде состојбата се менува. Ги повикуваме сите странски здруженија и фондации, добредојдени се доколку сакаат да му помогнат на Кочани“, рече Ивона Тодорова од „Супорт Кочани“.

    Вели дека и на нив им е потребна поддршка. Тие имаат секојдневен контакт со повредените или нивните семејства и добиваат информации за здравстената состојба. Се радуваат кога ќе добијат вест дека настраданите се подобро, се враќаат дома. Но, има и лоши вести.

    Добиваме информации дека има случаи кога се ампутирани раце и потребни се протези за тие пациенти, за да можат во рамките на можностите нормално да живеат. Како се менува здравствената состојба се менуваат и медицинските потреби. Не сакаме да добиваме информации за ампутирани раце, но, за жал, реалноста е таа“, кажа Тодорова.

    Супорт Кочани“ функционира со донации на индивудуалните сметки, наменски за семејствата на починатите и повредените. Се подготвуваат да создадат заедничка сметка и од неа рамномерно, средствата да се распределуваат на сите повредени и блиски на починатите. На веб-страницата има и информација за хуманитарните настани кои следат, а каде ќе се донираат средства.

    Кочани не треба да се заборави, оваа кампања да не биде чудо за три дена. Не смееме да си го дозволиме тоа. Треба да ги имаме на ум нашите другари кои настрадаа, а им е потребна помош. Имаме увид само во донациите за кои сме добиле потврда од донаторите, со доказ колкава сума уплатиле. Немаме целосна контрола над сите уплати и не знаеме точно од каде и колку средства пристигнуваат, ги евидентираме само износите кои ни се потврдени“, вели Дарко Стоилов од „Супорт Кочани“.

    Сумата за која имаат доказ дека е уплатена надминала 600.000 евра, но реално била поголема, бидејќи не сите граѓани пријавуваат колку пари уплатиле и донирале.

    Интересот за волонтирање на младите кочанчани во „Супорт Кочани’ е огромен.

    Има огромен интерес, на првиот повик се јавија 400 кандидати, млади од Кочани. Селектираме според профилот кој што може со неговите знаења и можности да даде придонес во овој проект“, обајснува Стоилов.

    Тој работи во Амстердам, но се врати за да им помогне на настраданите од неговото родно Кочани. Но, неговиот пример не е единствен, има уште негови сограѓани кои знаат дека им се потребни на настраданите.

    Општина Кочани и семејствата на настраданите денеска организираат велосипедска тура по патеката на оризот, со која ќе им се оддаде почит на починатите. Настанот започнува во 11 часот. Ќе се вози до Мојанци, Грдовци, Горни Подлог и назад до Кочани, пред дискотеката „Пулс“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира