ЗА 5 ДЕНА УШТЕ ЕДНО ТЕШКО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ПО ПАЛЕЊЕТО ВИКЕНДИЧКА И СТАН И УБИСТВОТО НА ЖЕНА

    ЗА 5 ДЕНА УШТЕ ЕДНО ТЕШКО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ПО ПАЛЕЊЕТО ВИКЕНДИЧКА И СТАН И УБИСТВОТО НА ЖЕНАНасилникот на 5 мај ја загрозил сигурноста на својата сопруга, така што при вербална расправија пред нивните две малолетни деца, фрлил вазна кон неа, но среќа ја промашил и удрил во ѕидот. (Фото: СДК.МК)

    По семејното насилство на втори мај, кога сопруг ѝ ги запали станот и викендичката на сопругата со која се разведувал, и по убиството на трети мај на жена од Скопје од нејзиниот невенчан сопруг, на 5 мај се случило уште едно тешко семејно насилство, во присуство на малолетните деца.

    Насилникот е под истрага за кривично дело – Насилство од член 386 и Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик.

    Тој на 5 мај ја загрозил сигурноста на својата сопруга, така што при вербална расправија пред нивните две малолетни деца почнал да ѝ се заканува. Фатил вазна, фрлил кон жената. Среќа не ја погодил, туку удрил во ѕидот, а оштетената исплашена за својата безбедност веднаш ги зела децата и заминала кај нејзината мајка.

    На 7 мај, таткото и сопруг-насилник, со своето возило го пресретнал патот на автомобил во кој била оштетената и уште едно лице, почнал да ги навредува и да им се заканува. Потоа со нога, тупаници и предмети удирал повеќепати во возилото. Со овие насилнички дејствија предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените.

    „Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиште, обврска да се јавува повремено на одредено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана на посетување на одредено место или подрачје, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со оштетената“, кажа денеска Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира