Кочанчанецот Мартин Кировски денеска со леплива лента се врза на бандера на Плоштадот Македонија во Скопје. Рече дека ова го прави за да привлече внимание на јавноста зошто цела држава веќе ја заборавила трагедија во дискотеката „Пулс“ во која во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
Рече дека на повредените им требаат пари за да продолжат со лекување, а донациите секој ден се намалуваат.
„Толку ли брзо нè заборавивте нас од Кочани? Пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Тие деца ќе немаат цел живот раце. На едно дете ќе му требаат ракавици за рацете и нозете, а една ракавица за изгореници е 1.000 евра. Ако ништо друго, дајте на нив да им помогнеме“, рече Кировски, кој носеше маица со логото на граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Тој кажа дека во пожарот загубил пет другари.
Вчера, „Супорт Кочани“ објави дека повредените млади кочанчани кои се на домашно лекување, а имаат изгореници по рацете по пожарот во дискотеката „Пулс“, потребно е да се пријават за да може да добијат компресивна облека за заштита на телото. Тоа можат да го сторат со пријава до Општата болница Кочани – хирургија или во Иницијативата.
„Повредените со изгореници, во овој период кога има сонце треба да имаат заштита за да може да излегуваат од дома, за да може кожата да се ревитализира. Ќе дојдат стручни лица од фирма од Бугарија, кои ќе земаат мерки за облеката, лично од повредените. Затоа е потребно тие да се пријават“, вели д-р Кристина Серафимова, директорка на Кочанската болница.
Донацијата е обезбедна од „Супорт Кочани“, преку црквата „Св. Архангел Михаил“ од Нејви, Италија.
„Донирани се 40.000 евра, кои преку нашето здружение ќе бидат наменети за набавка на оваа компресивна облека. Изработувачите ќе бидат во кочанската болница од 12 до 14 мај“, соопштија од „Супорт Кочани“.