Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара притвор за 35-годишен турски државјанин осомничен за обид за убиство турски државјанин во Скопје. ОЈО соопшти дека донесе Наредба за спроведување истражна постапка оти постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
„Ноќеска по полноќ на улицата Метрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, осмничениот со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја. Во тој момент, осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот му нанел тешки телесни повреди, поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија“, вели Обвинителството.
Од таму веат дека бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Овој инцидент меѓу турски државјани во земјава следи еден ден по оној во Штип на 8 мај, кога 21-годишен државјанин на Турција застрела 25-годишен земјак во кафе-бар во центарот на градот.