Рускиот претседател Владимир Путин денеска предложи директни разговори со Украина на 15 мај во Турција кои, според него, треба да бидат насочени кон постигнување траен мир, иницијатива која ја поздрави американскиот претседател Доналд Трамп. Путин испрати илјадници војници во Украина во февруари 2022, покренувајќи војна во која загинаа стотици илјади војници и ја предизвика најтешката конфронтација меѓу Русија и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Рускиот лидер, кој досега понуди неколку отстапки за завршување на конфликтот, рече дека разговорите во турскиот град Истанбул ќе бидат насочени кон елиминирање на основните причини за војната и враќање на „долгорочниот, траен мир“, наместо само примирје за повторно вооружување.
„Ние предлагаме Киев да ги продолжи директните преговори без никакви предуслови“, рече Путин од Кремљ во обраќање во 1.30 часот ноќеска по локално време. „Им нудиме на властите во Киев да ги продолжат преговорите веќе в четврток, во Истанбул“.
Путин рече дека во текот на денов ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за олеснување на разговорите, што според него може да доведе до прекин на огнот.
„Нашиот предлог, како што велат, е на маса. Одлуката сега е на украинските власти и нивните кустоси, кои се водат, се чини, од нивните лични политички амбиции, а не од интересите на својот народ“, рече Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен да се сретне со Русија за разговори за прекин на огнот. Без да одговори директно на поканата на рускиот претседтел Владимир Путин за директни разговори во Истанбул на 15 мај, тој рече: „Позитивен знак е дека Русите конечно почнаа да размислуваат за завршување на војната“.
„Целиот свет го чека ова многу долго. И првиот чекор во вистинскиот крај на секоја војна е прекин на огнот. Нема смисла да се продолжи со убиствата ниту за еден ден. Очекуваме Русија да потврди прекин на огнот – целосен, траен и сигурен – почнувајќи од утре, 12 мај, а Украина е подготвена да се сретне“, рече Зеленски.
Во пораката на социјалната мрежа Трут соушал, Трамп го поздрави предлогот на Путин како позитивен за ставање крај на војната.
„Потенцијално одличен ден за Русија и Украина!“ рече Трамп. „Помислете на стотиците илјади животи што ќе бидат спасени ако, се надеваме, ова бескрајно ‘крвопролевање’ заврши“.
Предлогот на Путин за директни разговори со Украина следи неколку часа откако големите европски сили вчера во Киев побараа Путин да се согласи на безусловен 30-дневен прекин на огнот или ќе се соочи со „масивни“ нови санкции.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека предлогот на Путин за директни мировни преговори меѓу Москва и Киев покажал оти рускиот лидер бара начин да оди напред, но тој исто така се обидува да купи време.
„Тоа е прв чекор, но не е доволен“, рече Макрон на враќање од Украина рано изутринава. „На безусловен прекин на огнот не му претходат преговори“.
Путин го отфрли, како што рече, обидот на некои европски сили да постават „ултиматуми“. Русија, рече Путин, предложи неколку прекини на огнот, вклучително и мораториум на напади врз енергетските објекти, Велигденски прекин на огнот и неодамна 72-часовно примирје за време на прославите по повод 80 години од победата во Втората светска војна.
И Русија и Украина се обвинија меѓусебно за кршење на предлозите за привремено примирје, вклучително и примирјето од 8 до 10 мај.
И покрај повикот на Путин за мировни преговори, Русија денеска изврши напад со беспилотно летало врз Киев и другите делови на Украина, при што беше повредено едно лице во регионот околу главниот град на Украина и оштети неколку приватни куќи, соопштија украинските власти. Путин рече дека не исклучува оти за време на неговите предложени разговори во Турција двете страни ќе се договорат за „некои нови примирја, нов прекин на огнот“, но таков што ќе биде првиот чекор кон „одржлив“ мир.