Денеска Алијанса на Албанците едногласно одлучи да оди во опозиција, соопшти доцна вечерва лидерот и министер за здравство Арбен Таравари по состанокот во Тетово со највисоките органи на партијата.
„Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години и за тоа сме многу горди. Но промените што ги ветивме, за жал не ги испорачавме. И за тоа секојдневно граѓаните нѐ критикуваат. Затоа ние одлучивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Со ‘Вреди’ се обидувавме околу шест недели да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници. Но, не успеавме во тоа и денеска констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на Владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, немаме што да бараме таму. Едноставно подобро е да бидеме надвор и да се вратиме кај граѓанинот“, кажа Таравари.
Таравари кажа дека има огромно незадоволство од Албанците за тоа како владее „Вреди“ во оваа Влада. Основните незадоволства, како што посочи се околу Законот за правична застапеност.
„Албанците се жалат, третманот на тие што се вработени во администрацијата е полош од порано, што како што нас искрено ги загрижува. Многу ни е битен и европскиот пат на Македонија. Мислам дека ова ќе биде тежок период за Македонија. Многу е битно да бидеме што поскоро дел од ЕУ. Така што не ни преостанува ништо друго освен да кажеме дека одиме во опозиција и во октомври се враќаме со мошне добри резултати на локалните избори“, рече Таравари.
- МИЦКОСКИ Е ПОД ПРИТИСОК НА НЕКОИ УВЕРУВАЊА ОД АЛБАНСКАТА ГРУПА ВО ВЛАДАТА, ЛИЧНО ЌЕ МУ ЈА ОБЈАСНАМ ОДЛУКАТА ДА ОДИМЕ СО ПОСЕБНИ ЛИСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ
- НА ТАРАВАРИ МУ ПОСАКУВАМ ДОБРО ЗДРАВЈЕ, НЕ ОЧЕКУВАВ ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТИ КАЈ ДУИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
Алијанса за Албанците има 2 министерски места – Таравари за здравство и Арбен Фетаи е вицепремиер и министер за добро владеење – и 6 пратеници во Собранието.
Алијанса за Албанците досега беше дел од владиниот коалиционен партнер Коалицијата „Вреди“ во која се и Алтернатива на на Африм Гаши, Беса на Биљал Касами и Демократско движење на Изет Меџити. Тие три партии во „Вреди“, не се согласија Алијанса за Албанците на Локалните избори во октомври да настапи со посебни советнички листи и објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека не може да го разбере трансферот на Таравари од власт во опозиција, особено што заминува, како што рече, „во прегратките на Али Ахмети и ДУИ“. Премиерот рече дека Владата е стабилна и ќе продолжи да работи.