Шпанската влада побара да се отстранат речиси 66.000 имоти од платформата за изнајмување „Ербиенби“, со образложение дека тие ги прекршуваат прописите за туристичко сместување. Ова следи откако започнаа протестите против прекумерниот туризам пред летната сезона. На демонстрациите на Канарските Острови во неделата учествуваа илјадници луѓе. Министерот за социјални права, потрошувачки прашања и Агенда 2030 година, Пабло Бустиндуј, рече дека предметните имоти за изнајмување „прекршиле различни норми во врска со становите за туристичка употреба“.
Објавата уследи по одлуката на судот во Мадрид дека „Ербиенби“ мора веднаш да повлече од пазарот 4.984 имоти наведени од Министерството. Имотите се во шест региони: Мадрид, Андалузија, Каталонија, Валенсија, Баскија и Балеарските Острови. Министерството на Бустиндуј сега чека дополнителни судски пресуди за другите околу 60.000 имоти за кои смета дека незаконски се изнајмуваат.
Тој рече дека одлуката на судот е „јасна победа за оние кои се борат да го заштитат правото на домување“. Бустиндуј додаде дека „може да се осигура дека ниту еден економски интерес нема приоритет над домувањето и дека ниту една компанија, колку и да е голема или моќна, не е над законот“.
Домувањето стана како најголема грижа на Шпанците во последниве месеци, поради зголемените трошоци за изнајмување, особено во поголемите места и градови. Трошоците за просечно изнајмување се удвоија во текот на последната деценија, додека платите не успеаја да го следат порастот. Туристичките апартмани многумина ги идентификуваат како главна причина за проблемот, зашто ги лишува ги локалните жители од станови.
Шпанија е втора најпопуларна туристичка дестинација во светот по Франција, со 94 милиони странски посетители во 2024 година, што е пораст од 13% во однос на претходната година.