КАКО ШТО ГО ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕТО ЗА ОНКОЛОГИЈА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПОСОМНЕВА ДЕКА ЕКСДИРЕКТОРИТЕ ВАСЕВ И НУХИ ЌЕ ИЗБЕГААТ, ПА ПОБАРА ПРИТВОР

    КАКО ШТО ГО ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕТО ЗА ОНКОЛОГИЈА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПОСОМНЕВА ДЕКА ЕКСДИРЕКТОРИТЕ ВАСЕВ И НУХИ ЌЕ ИЗБЕГААТ, ПА ПОБАРА ПРИТВОРДвајцата поранешни директори се гонат за тешки дела, па ризикот да избегаат е голем, смета обвинителката Гоговска-Јакимовска. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера поднел и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицински и организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје. Тоа се поранешните директори на Клиниката, медицинскиот Нино Васев, и организацискиот Нехат Нухи.

    „На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство. Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија“, вели Обвинителството.

    Построги мерки автоматски се побарани и за тројцата обвинети лекари-онколози. Најверојатно ќе останат без пасоши.

    „Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање“, кажа Скопското обвинителство.

    Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица. Васев и Нухи се обвинети за продолжени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата и Проневера во службата.

    Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.

    Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале незаконски обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин.

    Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари“, рече вчера подносителката на обвинението Ана Гоговска-Јакимовска.

    Исто така, двајцата се обвинети и за измама во службата, како и за проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

    Двајцата обвинети прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари, пресмета изстражниот центар на Обвинителството.

    Тоа било констатирано кај 9 пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови.

    Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.

    Во второто обвинение, првиот обвинет е исто така Васев, кој во соизвршителство со друга лекарка на истиот оддел се товари дека извршил продолжени – Тешки дела против здравјето на луѓето и Несовесно лекување болни. Други двајца лекари се товарат за основното кривично дело Несовесно лекување болни и тоа сторено како продолжено дело, како повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

    Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – Несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство, без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира