Од 27 октомври од Скопје повторно ќе се лета до Ларнака, Кипар. Од Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека „Визер“ ќе лета од Меѓународниот аеродром Скопје до Кипар откако министерот Александар Николоски вчера на проставата на 15-от роденден на ТАВ Македонија кажа дека е потпишан договор за субвенции за 11-тата дестинација, но не кажа која.
Според договорот, од Скопје до Ларнака ќе се лета трипати неделно во текот на цела година. Линијата беше укината за време на ковид пандемијата во 2020 години и оттогаш не беше вратена.
Во рамките на првиот оглас за субвенционирање на авиолинии, од 3 мај „Визер“ од Скопје лета за Барселона и Лион, а од октомври треба да стартува и авиолинијата Скопје-Штутгарт. Со финансиска поддршка од Владата, кон крајот на март требаше да започне и летот Скопје – Дубаи со „ФлајДубаи“, но е одложен за наесен на барање на авиокомпанијата. Од Охрид двапати неделено се лета до Истанбул со „Туркиш ерлајнс“, а од октомври веќе е ставена во резервациониот систем на „Визер“ и авиолинијата на релацијата Охрид – Базел/Милуз – Охрид.
- ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ОД ВИЗЕР, ВЛАДАТА НАМЕСТО КОМПАНИИ ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА АВИОЛИНИИ, ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПО ПАТНИК ВО ДОАЃАЊЕ, А НЕ ВО ЗАМИНУВАЊЕ
-
-
„ИЗИЏЕТ“ ДОБИ СУБВЕНЦИИ ЗА АВИОЛИНИИТЕ ОД СКОПЈЕ ЗА ЖЕНЕВА И ЗА ПАРИЗ – „ОРЛИ“
На вториот оглас, нискобуџетната авиокомпанија „Изиџет“ доби субвенции од Владата за воведување авиолинии од Скопскиот аеродром до Женева и до аеродромот „Орли“ во Париз. Од Скопје за Париз се лета од 2 април, а за Женева ќе се лета од 3 ноември. Тогаш министерот Николоски кажа дека огласот е отворен додека не се потрошат парите за субвенции од 3 милиони евра, па договорот за летот до Ларнака е склучен во рамките на овој оглас.
За овие летови авиокомпаниите од Владата ќе добиваат субвенции од 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром. Договорите се за три години.
Со владина помош се одржуваат и летовите на „Визер“ од Скопје до Љубљана, како линијата на авиокомпанијата „Луфтханза“ до Франкфурт.
Генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт на 28 април на прес-конференцијата по повод промоцијата на летовите до Лион и Барселона најави можност и за воведување директни линии од Меѓународниот аеродром Скопје кон Прага и Мадрид.
А. АНТЕВСКА