Новак Ѓоковиќ ја освои 100. АТП-титула во кариерата откако триумфираше на турнирот во Женева. Два дена откако наполни 38 години, Ѓоковиќ го совлада Хуберт Хуркач во финалето со 5:7, 7:6, 7:6 по три часа и осум минути игра и стана само трет тенисер во историјата со троцифрен број титули.
Пред него се само Роже Федерер со 103 и рекордерот Џими Конорс со 109 титули.
Ова е прва титула за Ѓоковиќ од освојувањето на златниот медал на ланските Олимписки игри во Париз.
Ѓоковиќ задутре го почнува настапот на Ролан Гарос, против Американецот Мекензи Мекдоналд, во обид да стигне до рекордната 25. гренд слем титула.