„Не ја штитете полицијата, не ги штитете виновниците. Не сме слепи, ни глуви. Не бараме милост, бараме правда, за секое дете што нема да се врати, за секоја мајка што навечер го гушка воздухот“, рекоа родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешниот осми по ред Марш на ангелите низ градот. Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, од кои 6 деца, а беа повредени околу 200 лица, од кои 25 деца, главно со тешки изгореници и повреди од вдишување чад.
Родителите денеска прашуваа и читаа правни аргументи, зошто институциите не го затвориле „Пулс“, кој сè замижувал за тоа да работи, потсетувајќи дека се работи за ланец од институционални неправилности. Ги повикаа Министерството за економија, МВР, Обвинителството, Управата за јавни приходи (УЈП), Државниот пазарен инспекторат да одговараат за сите пропусти поради кои денес децата не им се живи.
„Да ве потсетиме, на 16 март 2025 Кочани замолкна. Во огнот на кабарето ‘Пулс’ живи изгореа 62 млади души, над 200 беа повредени, половина беа деца кои немаа ни полни 18 години. Не сме ни слепи ни глуви, сѐ видовме, сѐ знаеме и нема да молчиме. Таа вечер беше отворен простор без лиценца, простор за 30 луѓе, внатре 500, како стока ги натрупаа нашите деца. Од алчност газдата пушти толку луѓе, сега се слободни и шетаат со исправени глави, ние не сме глупави ни наивни. Полицијата требаше да ги заштити таа вечер, а не да им ја држи врататата завторена, мислејќи дека бегаат од инспекција. Тоа беше масовно убиство, не ги штитете убијците, ако ви останало нешто човечно“, рече една од мајките на загинатите деца.
Друга мајка испрати прашања до обвинителите, со оглед на тоа дека вчера беше објавено оти е завршена истрагата, и од 73 првично осомничени, останаа 46 осомничени.
„Половина од нив не се ни повикани на распит. Апелираме да се следат доказите. Вистинските виновници мора да бидат откриени, без разлика за кого се работи. Бидејќи не можете да ги видите, тука сме ние да ве насочиме. Сè ова што говориме денес ќе биде објавено на нашата заедничка фејсбук страна ‘Здружение на граѓани 16.03’. На сета болка, моравме да ги следиме сите правни норми“, рекоа родителите на маршот.
Основното јавно обвинителство Кочани ја финализираше истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Во рамките на истрагата, соопшти вчера Обвинителството, опфатени се вкупно 46 осомничени лица кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност, согласно Кривичниот законик. Во наредниот период, одбраната на осомничените ќе има можност да изврши увид во обезбедените докази и да предложи свои, по што ќе следува донесување на јавнообвинителска одлука за секој од осомничените поединечно.
Истражната постапка ја водеше тим од 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Како што велат од обвинителството, тие презеле обемен број дејствија за собирање докази и утврдување на фактичката состојба. По наредба на јавните обвинители, полициски службеници и истражители од истражните центри на обвинителството прибрале материјални докази и документација од местото на несреќата и други локации, кои потоа биле предмет на вештачење. Според обвинителството, обезбедени се детални обдукциски наоди за причините за смртта на настраданите и карактерот на повредите кај повредените, а изготвени се и градежно и хемиско вештачење за испитување на околностите во објектот, безбедносните стандарди и начинот на настанување и ширење на пожарот. Дополнително, за дел од документацијата на клубот било спроведено и графолошко вештачење.
Б. НЕСТОРОСКА