ПРИВРШУВА ЕДНА ИСТРАГА ЗА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЧАИР ПОВЕДЕНА ЛАНИ ПО НОВИНАРСКИ НАПИСИ

    ПРИВРШУВА ЕДНА ИСТРАГА ЗА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЧАИР ПОВЕДЕНА ЛАНИ ПО НОВИНАРСКИ НАПИСИИспитани се поголем број службени лице од Општина Чаир, како и дел од барателите на легализација на бесправно изградените објекти на територијата на Општината, вели ОЈО Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Во екот на обвинувањата од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска против градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за криминал со дивоградбите во општината, Обвинителството денеска на новинарско прашање одговори дека привршува истрага за незаконска легализација почната претходно vo 2024, по допрен глас. Се работи за сомневања за фалсификување на деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир.

    Откако при крајот на 2023 во емисијата „360 степени“ беше објавен серијал новинарско истражување со кој се документираше озаконување дивоградби што воопшто не биле почнати да се градат кога за нив биле поднесувани барања за легализација, Обвинителството отвори предистрага.

    „За предметот се постапува и се преземаат дејствија на проверки, обезбедена е обемна писмена документација и тоа како од општина Чаир, така и од Министерството за транспорт и врски, од Државниот управен инспекторат на РСМ, но и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Истовремено, во текот на оваа предистражна постапка се испитани повеќе лица кои даваат потребни известувања. Така, испитани се поголем број службени лице од општина Чаир, како и дел од барателите на легализација на бесправно изградените објекти на територијата на општина Чаир, со тоа што овој процес на обезбедување на вербални докази е сѐ уште во тек“, кажа денеска Обвинителството.

    Оттаму додаваат дека по анализа на севкупниот материјален и вербален доказен материјал чие обезбедување во овој предмет е во финална фаза, ќе следи донесување и на соодветна јавнообвинителска одлука.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира