На ѕидот на спортската сала во средното училиште „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово е нацртан голем мурал со ликот на фудбалерот Недим Бајрами. Роден во Швајцарија, Бајрами игра за Глазгов Ренџерс и за репрезентацијата на Албанија. Неговиот татко по потекло е од Тетово, а мајка му е од Гостивар.
Општина Тетово, која беше организатор на промоцијата, во поканата за настанот назначи дека „на Бајрами му се изразува посебна благодарност за достигнувањата и достоинствено претставување на нашата земја“.
„Радосен сум што сум тука. Ова е посебен ден за мене и моето семејство. На младите кои се занимаваат со спорт им посакувам многу успех, не само во спортот, туку и на училиште, бидејќи тоа е важно“, порача Бајрами на презентацијата на муралот.
З. АНДОНОВ