Со донации од граѓани и фирми, Црвениот крст на Македонија за три месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани собра 153.931.166,00 денари (околу 2,5 милиони евра). Во пожарот загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.
Од Црвениот крст велат дека во неколку наврати извршиле исплата на настрадани од пожарот во Кочани, а со последниот денешен трансфер исплатени се средства на 156 лица, поделени во 5 категории врз основа на направената проценка за степенот на повреди и прогнозата за нивното натамошно лекување од работната група на Министерството за здравство, во вкупен износ од 39.750.000,00 денари (над 640.000 евра).
„Во престојните денови ќе се изврши трансфер на средства и на уште 11 лица за кои треба да се обезбедат потребни документи, односно изјави и согласност за користење на личните податоци, со оглед на тоа дека истите не се опфатени со досегашните исплати. Вкупниот досегашен трансфер на средства на настраданите, заклучно со 17.06.2025 година изнесува 147.199.101,00 денари (2,38 милиони евра)“, соопшти Црвениот крст.
Оттаму додаваат дека наскоро ќе отворат Регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка во Кочани кој со своите активности ќе ги покрива потребите на населението во источниот дел на Македонија.
Во Кочани престојува тим од Гетеборг, Шведска каде пред 30 години се случи слична трагедија.
„Искуствата на тимот од Гетеборг пренесуваат силна порака дека и по речиси 30 години од пожарот во дискотеката во нивниот град, никој не е заборавен, заедницата е поврзана и зајакната, а нивните знаења и искуства се поддршка и на други настрадани во други земји. Ова силно резонира со потребата на жителите на Кочани и другите погодени места да не бидат заборавени, да не бидат оставени сами со својата болка и страдање. Поврзувањето на човечко ниво длабоко навлегува во човековото искуство на страдање и надминување“, велат од Центарот за психосоцијална акција (ЦПКА) „Малинска“ од Скопје заедно со кочанската иницијатива „Сапорт Кочани“ кои учестуваат во тимот од Гетеборг, чие доаѓање го помигна Шведската амбасада во земјава.
Во тек е адаптација на одморалиштето на МВР на Пониква, кое од средината на идната недела ќе стане рехабилитациски центар за повредените од пожарот. Според најавите, во одморалиштето на Поникава ќе биде згрижена првата група повредени во пожарот, каде физикална терапија ќе добиваат 45 пациенти. Во Пониква ќе се активираат медицински тимови коишто ќе им бидат достапни 24 часа. Ќе бидат поделени во групи што ќе ротираат на две недели, а првата група ќе биде со повредени кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. Физикалната терапија ќе ја врѓат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар, а во соработка со Центарот за психолошка поддршка од Скопје и невладини организации ќе има и посета од психолози и психијатри.
П. ПЕЧКОВ