ВО КОЧАНИ УШТЕ ИМА УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ КОИ РАБОТАТ НА ДИВО, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КРСТЕВСКИ И ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА УЗУРПАЦИЈА И ДИВОГРАДБА

    ВО КОЧАНИ УШТЕ ИМА УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ КОИ РАБОТАТ НА ДИВО, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КРСТЕВСКИ И ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА УЗУРПАЦИЈА И ДИВОГРАДБАЖал ми е што многу угостители сѐ уште не се освестуваат, жал ми е што многу институции сѐ уште не постапуваат соодветно на нивните надлежности, рече Крстевски. (Фото: Принтскрин од видео)

    Градоначалникот на Кочани Венко Крстевски денеска до Кочанското обвинителството поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба, за кои вели дека работат надвор од законски прописи и стандарди, апелирајќи дека е загрозена безбедноста на жителите и гостите и дека институците не смеат да дозволат да се случи „Пулс 2“.

    На 16 март во пожар во кочанската дискотека „Пулс“, која работела надвор од сите законски прописи и стандарди, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.

    „Три месеци после таа ужасна трагедија, во Кочани сѐ уште имаме угостителски објекти кои работат надвор од законските прописи и стандарди. Трагедијата која се случи во Кочани е плод на институционални пропусти и корупција која се случувала сите овие години. Жал ми е што многу угостители сѐ уште не се освестуваат, жал ми е што многу институции сѐ уште не постапуваат соодветно на нивните надлежности“, рече Крстевски.

    В. д.  градоначалникот на прес-конференцијата упати прашања до повеќе институции, како на пример до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ),  како е возможно да се толерира работа во дивоградби, дали има контроли и што значат тие контроли и зошто од нивна страна се дозволува работа во тие дивоградби.

    „Сакам да ја прашам Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како е возможно да се добие ХАСАП дозвола за угостителски објект кој служи храна доколку кујната е дивоградба. Како е можно да се добие ХАСАП дозвола доколку во кујната постојат броила кои се во непосредна близина на фритезата. Како е возможно да има приклучок за струја во тие угостелски објекти. Со жалење можам да констаирам дека на угостителите кои работат незаконски и нерегуларно побитен им е личниот профит отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Се надевам на брза реакција на Обвинителството“, рече Крстевски.

    Агенцијата за храна и ветеринарство преку соопштение реагираше дека нема надлежност да постапува за прашањата на Крстевски, а во која тој побара одговорност за издавањето дозволи за работа на угостителските објекти.

    „Агенцијата за храна и ветеринарство е надлежен орган за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните. По однос на прашања кои се однесуваат на заштита и здравје при работа, АХВ нема надлежност за постапување, како што нема надлежност ниту во делот на издавање елаборати за ХАСАП ниту е надлежна за приклучување на електричната мрежа. Основно е операторите да се регистрираат како оператори со храна во АХВ за што, освен пополнетото барање за регистрација на објектите и операторите со храна од неживотинско потекло, потребно е да го достават и решението за упис во Централен регистар, доказ за право на користење на објектот – имотен лист, купопродажен договор, договор за закуп и слично, и доказ за платена административна такса. Кај дискотеките се регистрира само шанк каде се служат пијалаци“, вели АХВ.

    Според Агенцијата, инспекциски надзори кај операторите со храна се вршат како редовни, согласно Годишниот план за вршење инспекциски контроли, и вонредни – по издаден работен налог или по поднесена претставка, односно иницијатива.

    Кочанскиот Совет го избра независниот советник Крстевски за в. д. градоначалник на 14 април. Крстевски дојде на местото на претходниот градоначалник Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ кој си даде оставка ден по пожарот во диското, на 17 март, и е меѓу тројцата поранешни градоначалници на Кочани обвинети за Тешки дела против општата сигурност.

    По тримесечна истрага, Обвинителството на 13 јуни поднесе обвинение за Тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица за катастрофалниот пожар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира