ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА МЕРКО ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ВИНОВЕН, ОДБРАНАТА СМЕТА ДЕКА ТОЈ ЗАКОНСКИ ПОСТАВУВАЛ ДИРЕКТОРИ, УТРЕ ПРЕСУДА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА МЕРКО ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ВИНОВЕН, ОДБРАНАТА СМЕТА ДЕКА ТОЈ ЗАКОНСКИ ПОСТАВУВАЛ ДИРЕКТОРИ, УТРЕ ПРЕСУДА

    Во Основниот суд во Струга денеска се одржаа завршните зборови на Обвинителството и одбраната за судскиот предмет против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, за незаконско поставување директори на училиштата во Лабуништа, Радолишта и Подгорци. Судијата Јордан Јованов пресудата ќе ја соопшти утре, 20 јуни, во 12 30 часот.

    Основното јавно обвинителство Струга го товареше струшкиот градоначалник за несовесно работење. Во завршниoт збор, обвинителката побара судот да го прогласи за виновен оти во својство на градоначалник во повеќе наврати презел дејствија на именување директори на основните училишта спротивно на позитивните законски прописи, со именување лица кои не ги исполнуваат законските услови за директор, без да спроведе соодветна законска процедура и без да објави јавен оглас за избор на директор откако именувал вршител на должност, иако бил должен тоа да го направи во рок од пет дена од денот на именувањето на в. д. директор.

    Исто така, се докажало дека на школите им била нанесена финансиска штета. Според обвинителството, Мерко свесно ги повредил законските прописи со што го сторил кривичното дело Несовесно работење во службата.

    Неговиот адвокат Игор Петковски во завршниот збор побара ослободителна пресуда оти јавниот обвинител не докажал дека обвинетиот го сторил кривичното дело Несовесно работење во службата. Од изведените докази, рече тој, и од дејствијата кои обвинетиот ги презел не се утврдува посебна намера за прибавување некаква корист и нанесување на некаква штета, туку се утврдува дека намерата на обвинетиот била основните училишта да функционираат како налага законот, со оглед на состојбата во која овие училишта би се нашле доколку немале назначен директор, во случајот вршител на должност. Фактот што во текот на постапката не се презентирани докази дека министерот за образование и наука во тој период не сторил повреда на законските прописи за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување да именува вршител на должност од редот на вработените, обвинението го чини покрај неправилно и нецелосно. Во ниту еден момент од мандатите како градоначалник на Општина Струга не бил поднесен ниту еден предлог, а уште помалку му биле одземени неговите ингеренции од Министерството.

    Според Петковски, не бил изведен ниту доказ кој утврдува кој субјект е оштетен во случајов. Исто така, сѐ уште не бил завршен надзорот на Државниот просветен инспекторат за овие училишта оти немало решение за утврдени неправилности.

    Во завршна фаза се и судските процеси за основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга и училиштето во Велешта, каде има и други обвинети кои се товареа за Несовесно работење во службата, а дел од нив и за кривичното дело Фалсификување исправи.

    Претходно, Мерко доби ослободителна пресуда во случајот поврзан со набавката на луксузното „ауди А6“ оти судот утврди дека нема докази кои укажуваат оти Мерко имал намера да ја злоупотреби својата службена положба.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира