Во тешка сообраќајна несреќа синоќа во Охрид загина 44-годишна охриѓанка, а уште едно лице е тешко повредено. Несреќата се случи на булеварот Туристичка околу 22,30 часот, на кружниот тек кај „Мини маркет“ кога, од засега непознати причини, патнички автомобил „голф“ со охридски регистарски таблици, со голема брзина изгубил контрола, поминал преку кружниот тек, ја пробил заштитната ограда и излетал од коловозот на спротивната страна од Туристичка каде ги прегазил двајцата кои се движеле во зоната за пешаци односно на тротоар.
„На 19.06.2025 година во 22.30 часот, во СВР Охрид е пријавено дека на кружен тек од булеварот Туристичка со улицата Јане Сандански во Охрид, патничко возило ‘фолксваген голф’ со охридски регистарски ознаки, управувано од И. С. (22) од селото Пашино Рувци, Прилепско, со престој во Охрид, удрило во метален столб, а потоа и во пешаците А. Б. (44) од Охрид и Д. П. (52) од Скопје. Од здобиените повреди А. Б. починала во Специјалната болница ‘Св.Еразмо’, а лекар констатирал смрт. Со тешки телесни повреди се здобил Д. П., додека со телесни повреди се здобиле возачот И. С. и неговиот сопатник К. М. (19), констатирани во болницата ‘Св.Еразмо’ и во Општата болница Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид, а по наредба на Јавен обвинител, И.С. е лишен од слобода, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по член 300 став 2 од Кривичниот законик“, соопшти СВР Охрид.
Настраданите веднаш биле префрлени во Специјализираната болница „Св. Еразмо“ каде била констатирана смрт кај 44-годишната жена, а мажот, кој неофицијално бил нејзин партнер, имал тешки повреди но бил надвор од животна опасност. Оттаму ни потврдија дека тој утрово самоволно ја напуштил болницата.
„Во нашата болница ноќеска беа примени двајца пациенти, настрадани во сообраќајна несреќа. Кај едното лице констатирана беше коматозна состојба, проширени зеници, срцев застој и после неколку обиди за реанимација е констатирана смрт. Кај мажот кој во моментот на несреќата бил со неа има тешки телесни повреди, фрактури на ребра и потколеница. На негово инсистирање тој утрово самоволно ја напушти болницата“, вели директорт на „Св. Еразмо“, д-р Харалампие Шокаровски.
Во несреќата е повреден и возачот кој имал привремен престој во Охрид.
Во тек е истражна постапка за расветлување на случајот и причините кои довеле до трагедијата, а Основното јавно обвинителство побара 30-дневен притвор за возачот кој ја предизвика несреќата поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.
С. ВРЕНЦОВСКА