Европската комисија повторно објави дека очекува брзо формирање влада која ќе се посвети на европските реформи, одговориле од седиштето на Европаката унија во Брисел за агенцијата Мета на барање да го коментираат фејсбук статусот на пратеникот Илија Димовски дека комесарот Јоханес Хан се меша во внатрешните работи на Македонија.
„Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, во саботата јасно ја изрази позицијата на Брисел“, изјавиле за Мета од седиштето на ЕУ.
Јоханес Хан во саботата порача дека откако се собраа доволно потписи за пратеници, Брисел очекува претседателот да му даде мандат за формирање на нова влада на кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, во согласност со Уставот.
Од Европската комисија уште еднаш потврдија дека очекуваат брзо формирање на нова влада.
„Како што и претходно соопштивме, нема да шпекулираме за составот на владата и за нејзината програма. ЕУ едноставно очекува брзо формирање на нова влада, со широка политичка поддршка, која силно ќе се посвети на европските реформи и ќе ги имплементира сите делови од Договорот од Пржино, како и реформските приоритети“, изјавија од Европската комисија.