ИЗРАЕЛ ВЕЛИ ДЕКА УБИЛ 14 ИРАНСКИ НУКЛЕАРНИ НАУЧНИЦИ, ЕКСПЕРТИТЕ СМЕТААТ ДЕКА ЗЕМЈАТА ИМА ДОВОЛНО КАДАР ДА ЈА ПРОДОЛЖИ НИВНАТА РАБОТА

    ИЗРАЕЛ ВЕЛИ ДЕКА УБИЛ 14 ИРАНСКИ НУКЛЕАРНИ НАУЧНИЦИ, ЕКСПЕРТИТЕ СМЕТААТ ДЕКА ЗЕМЈАТА ИМА ДОВОЛНО КАДАР ДА ЈА ПРОДОЛЖИ НИВНАТА РАБОТАМохсен Фахризадех беше меѓу деветтемина научници убиени во првиот бран израелски напади на 13 јуни (Фото: АП)

    Израел кажа дека убил најмалку 14 ирански нуклеарни научници за време на 12-дневната војна, што е досега невиден напад врз мозоците на иранската нуклеарна програма. Сепак, експертите велат дека ова само ќе ја уназади, не и уништи програмата.

    „По овие убиства, на Иран ќе му биде речиси невозможно да создаде нуклеарно оружје од инфраструктурата и материјалите што му останале. Фактот дека целата група исчезнала ја враќа програмата неколку години наназад“, изјави израелскиот амбасадор во Франција, Џошуа Зарка.

    Сепак, добро упатените аналитичари сметаат дека Иран има други научници кои ќе ги заменат убиените.

    Според Зарка, во израелските напади загинале најмалку 14 физичари и нуклеарни инженери, лидери на иранската наука кои „имале се во своите глави“. Деветмина од нив биле убиени во првиот бран напади на 13 јуни, а вчера, непосредно пред почетокот на примирјето, бил убиен уште еден.

    Експертите велат дека повеќедецениската работа на нуклеарната енергија и, според тврдењата на западните сили, на нуклеарното оружје му дала на Иран резерви на знаење и научници кои би можеле да ја продолжат оваа работа.

    „Ќе останат планови и следната генерација научници ќе може да го реши тоа. Бомбардирањето на нуклеарните постројки или убивањето луѓе ќе го врати тоа наназад одреден временски период, но ќе биде реконструирано“, рече Марк Фицпатрик, поранешен американски дипломат, а сега аналитичар во Меѓународниот институт за стратешки истражувања во Лондон.

    Колку брзо би можела да продолжи нуклеарната работа делумно ќе зависи од тоа дали израелските и американските напади ги уништиле залихите на збогатен ураниум и потребната опрема.

    „Клучниот елемент е материјалот. Ако го имате материјалот, останатото е релативно добро познато. Убивањето научници можеби имало намера да ги исплаши луѓето да не работат на овие програми“, рече швајцарскиот аналитичар Павел Подвиг.

    Меѓународното хуманитарно право забранува намерно убивање цивили и други лица кои не се војници. Но, правните експерти велат дека тие ограничувања можеби не важат за нуклеарните научници доколку биле дел од иранските вооружени сили или директно учествувале во непријателства.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира