ВЕЛЕС И ВЕЛЕШКО ДОБИЈА 4.695 ПАМЕТНИ УЛИЧНИ СВЕТИЛКИ СО ПРОЕКТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ВЕЛЕС И ВЕЛЕШКО ДОБИЈА 4.695 ПАМЕТНИ УЛИЧНИ СВЕТИЛКИ СО ПРОЕКТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРАВградена е опрема со која интензитетот на осветлувањето се управува далечински. (Фото: СДК.МК)

    Локалната власт објави дека заврши промената на уличното осветлување во Општина Велес, каде за четири месеци се заменети  4.695 светилки.

    „Се поставија неколку типа на светилки од 40, 45, 55 и 85w и 92 надворешни ормани со вклучен анализатор и смарт контролер за целосна оптимизација и ефективно и ефикасно одржување на мрежата“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    Промената ја изврши компанија која оваа работа ја доби на јавен повик, и тоа од трет пат, откако локалната власт претходно двапати сама го поништуваше тендерите, за да се добијат најдобри услови. Вредноста на договорот е 90 милиони денари (околу 1,5 милиони евра) заедно со ДДВ, плаќањето е на 36 рати, три години.

    Светилките се од европски бренд со  висок квалитет. Се изврши замена на старите натриумови жолти со нови паметни светилки, кои може да се управуваат далечински. Имаат век на траење  преку 100 илјади работни часови и се дологотрајни.  Добавувачот имал проблем со промената во високите делови на градот, каде поради тесните улици не можело да се пробие возило. Светилките биле заменувани на поспор начин, со скали.

    Притоа, вградена е опрема со која интензитетот на осветлувањето се управува далечински. Со оваа опрема, може секој момент да се има информација каква е состојбата, каква е потрошувачката на струјата, каде се потребни евентуално интервенции и слично.

    „Целокупниот проект за општината значи намалување на потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување, заштита на животната средина, полесно управување со системот бидејќи со него се работи  далечински, нема потреба да се испраќаат екипи да работат на остранување на дефект. Бенефит има и за граѓаните, значително подобрување на осветлувањето на улиците“, рече Колев.

    Се изврши и промена  на канделабри што се искривени, накоесни, оштетени. Набавени беа нови 50 канделабри, како и украсни светлики. Други се офарбаа. Останува уште да  осветли и Мало Мовче, каде треба да се постават нови канделабри, да се промени инсталацијата, бидејќи постојната е уништена и украдена.

    Последната промена на уличното осветлување во Велес и општината се случи во 2013 , кога за таа цел локалната власт се задолжи кај Светска банка.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира