Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 22-годишен битолчанец осомничен за Разбојничка кражба која се случила во фризерница во градот, пред муштерии во дуќанот.
На 23 јуни околу пладне, осомничениот влегол во фризерски салон и побарал пари од фризерот. Тој одбил доброволно да му даде, по што разбојникот го искористил моментот кога фризерот се оддалечил од фиоката во која го чувал прометот од фризерските услуги, ја отворил и му ги зел речиси сите пари кои биле внатре, во износ од 3.000 денари.
Веднаш се обидел да избега од салонот, но фризерот го фатил и го држел за да го спречи да замине додека не биде повикана полиција. Затекнат при кражбата, осомничениот му се заканил на фризерот дека ќе го испрска со солзавец, поради што тој го пуштил да си замине со украдените пари.
Крадецот е уште во бегство и полицијата трага по него. Во меѓувреме, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор која ќе започне да се применува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Притворската мерка е побарана бидејќи се работи за лице кое и претходно е осудувано за исти и слични дела и очигледно е дека се крие и се обидува да ги избегне органите на прогонот.
„Исто така, важни докази за настанот се исказите на оштетениот и на сведоците кои во моментот биле присутни во фризерскиот салон, па без најстрогата мерка за обезбедување постои реална опасност осомничениот да се обиде да влијае врз нив и со тоа да ја попречува истражната постапка. Јавниот обвинител особено го имаше предвид исказот на оштетениот кој се чувствува загрозен и бара да биде заштитен од осомничениот во текот на постапката“, вели Битолското обвинителство.