Илон Маск кажа дека ќе формира трета партија ако американскиот Конгрес го усвои „големиот прекрасен закон за буџетот“ на Доналд Трамп.
„Мојата Американска партија ќе биде основана ден по усвојувањето на законот“, напиша Маск на Икс.
Тој ја обнови јавната расправија со Доналд Трамп откако викендов повторно го критикуваше законот за буџетот, што го опиша како луд и уништувачки. Законот тесно го помина првото гласање во Сенатот, но останува неизвесно дали дефинитивно ќе биде усвоен, откако во прв момент не доби поддршка од двајца републикански сенатори. Во моментов, сенаторите водат маратонска, непрекината дебата за законот, што Трамп сака да биде изгласан до 4 јули.
„На нашата земја ѝ треба алтернатива на Демократите и Републиканците, за да може народот навистина да добие глас. Моментално живееме во еднопартиска држава, партијата на Порки Пиг“, кажа Маск, алудирајќи на популарното прасе од цртани филмови.
Тој се закани дека на следните избори ќе ги смени пратениците кои во кампањата збореа за штедењето и кратењето на трошоците, а сега го поддржаа законот.
Американскиот национален долг моментално изнесува 36 трилиони долари и се проценува дека со новиот закон ќе биде зголемен за уште 3,3 трилиони. Законот предвидува големо намалување на даноците, на штета на здравствената заштита и обновливата енергија.