ПЕТМИНА СТРУЖАНИ САМИ ГО ПОПРАВИЈА МОСТОТ ПОЛН СО ДУПКИ И ГНИЛИ ДАСКИ, ПОЛА ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНАТА МИНУВААТ НИЗ НЕГО, А НЕ ВИДЕЛЕ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ САНИРА

    ПЕТМИНА СТРУЖАНИ САМИ ГО ПОПРАВИЈА МОСТОТ ПОЛН СО ДУПКИ И ГНИЛИ ДАСКИ, ПОЛА ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНАТА МИНУВААТ НИЗ НЕГО, А НЕ ВИДЕЛЕ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ САНИРАПола од вработените во Општината го користат опасниот мост за да одат на работа и сметам дека и без да бидат известени од ЦУК состојбата на мостот е доволно позната на надлежните и дека треба итно да се санира, вели едне од активистите. (Фото: СДК.МК)

    Група стружани го санираше оштетениот мост на реката Црн Дрим во Струга, кој беше небезбеден за поминување оти надлежните институции повеќе од една деценија ништо не поправиле. Петмина граѓани волонтери изминативе денови поставија даски на местото каде имаше отвори и ги заменија гнилите штици за да може безбедно да се поминува по мостот. Велат, се собравме, купивме штици, купивме шајки и секој од дома зедовме алати и колку знаевме и можевме закрпивме дупки и сменивме сѐ што беше гнило.

    „Овој мост откако што е поставен не е апсолутно ништо инвестирано во него и е општа опасност за секој минувач. Иницијативата наша беше просто и едноставно оти нашите деца тука се капат, конкретно детето мое се повреди на мостов и кога ми кажа како и што се случило дојдов да видам и навистина беше ситуацијата очајна”, вели Коста Хјохи, граѓански активист.

    Велат, се собравме, купивме штици, купивме шајки и секој од дома зедовме алати и колку знаевме и можевме закрпивме дупки и сменивме сѐ што беше гнило, велат граѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Според Глигорие Ќатоски, граѓански активист, лошата состојба е резултат на долготрајна негрижа.

    „Нас тоа веќе не не изненадува, Струга и стружани се оставени сами на себе без оглед на етничката припадност на која припаѓаат. На мостот имаше дупки и беше голема опасност за поминување и ние ги заменивме трулите даски. Сметам дека првично треба надлежните органи да направат што е можно овој мост да се задржи односно да се ревитализира, оти видовме дека е оштетена самата конструкција и преставува потенцијална опасност по безбедноста и животот на луѓето кои поминуваат по мостот”, вели Ќатоски.

    Тој кажа дека го известиле Центарот за управување со кризи (ЦУК), од каде добиле одговор дека согласно нивната надлежност ќе направат проценка на состојбата по што истата ќе ја достават до надлежниот орган, во случајот Општина Струга.

    „Пола од вработените во Општината го користат опасниот мост за да одат на работа и сметам дека и без да бидат известени од ЦУК состојбата на мостот е доволно позната на надлежните и дека треба итно да се санира“, вели Ќатоски.

    Стружани велат дека ова е поттик и за останатите поединци и група граѓани да придонесат, секој во рамките на своите можности, да ја направи Струга побезбедна и поубава оти, како што велат, очигледно е дека се оставени самите на себе.

    С. ВРЕНЦОВСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира