Десетгодишно девојче колабирало и починало при посетата на дворецот Версај југозападно од Париз, а властите сметаат дека за нејзината смрт придонела и екстремната жештина која владее во делови од Европа со денови.
Франција го регистрираше вториот најтопол јуни откако почнале да се вршат мерења во 1900 година, додека Шпанија и Англија велат дека ова бил најтоплиот јуни досега во двете држави.
Според француските медиуми, девојчето кое починало во Версај било Американка кое веќе имало здравствени проблеми. Таа колабирала во дворот на кралскиот дворец околу 18 часот и итните служби не успеале да ја спасат и покрај брзата интервенција.
Во Италија, двајца мажи починале на плажите на Сардинија откако им се слошило, а маж во 80-ти години починал додека одел во болница во Џенова. На Сардинија овие денови температурите надминуваа 40 Целзиусови степени.
Двајца градежни работници во италијанската провинција Виченца завршиле во болница откако им се слошило додека работеле на топлото време и еден од нив и натаму е во кома.