ВЛАДАТА НЕ ЗНАЕ КОЛКАВ ЌЕ БИДЕ ДАНОКОТ ЗА НЕМАЖЕНИ И НЕЖЕНЕТИ И ОД КОЈА ВОЗРАСТ ЌЕ СЕ ПЛАЌА, ВЕЛАТ ДЕКА МЕРКАТА УШТЕ Е ВО ФАЗА НА РАЗМИСЛУВАЊЕ

    ВЛАДАТА НЕ ЗНАЕ КОЛКАВ ЌЕ БИДЕ ДАНОКОТ ЗА НЕМАЖЕНИ И НЕЖЕНЕТИ И ОД КОЈА ВОЗРАСТ ЌЕ СЕ ПЛАЌА, ВЕЛАТ ДЕКА МЕРКАТА УШТЕ Е ВО ФАЗА НА РАЗМИСЛУВАЊЕНа нашите прашања колкав ќе биде данокот и врз која демократска пракса се темели оваа идеја, ни одговорија дека станува збор за прашање за кое уште се размислува. (Фото: К. Попов)

    Владата нема детали колкав ќе биде данокот за немажените и неженетите кој вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски, зборувајќи за демографска рецесија. Уште не се знае ниту од која возраст ќе бидат даночени тие што не се во брак.

    На нашите прашања колкав ќе биде данокот и врз која демократска пракса се темели оваа идеја и како е во согласност со ЕУ законодавството, од Владата ни одговорија дека станува збор за прашање за кое уште се размислува.

    „Се размислува и се разгледуваат можностите за воведување на дополнителни даноци кои ќе бидат во насока на пошироките напори за враќање на вербата и справување со демографската рецесија за што претседателот на Владата имаше свое поопширно излагање“, одговорија од Владата.

    Премиерот вчера во обраќање на настанот „Демоградски трендови, предизвици и можни решенија“ најави можно воведување на данок за неженети и немажени, но без да образложи.

    „Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме – е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети. Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024, Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири. А кога велиме дека ‘ги рушеа темелите’, не мислевме само на корупцијата, на стопираните проекти, на нефункционалните институции од минатата влада. Мислевме и на ова. На рушење на семејството“, рече Мицкоски.

    На изјавата на Мицкоски реагираа од Мрежата за заштита од дискриминација велејќи дека дека тоа е закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода. Од Мрежата велат дека животниот стил не е основа за оданочување и оти во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.

    „Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

    Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи:„Ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина. Го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности. Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи. Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост“.

    „Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија. Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

    Според Законот за семејство: „Заедница на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница“. А исто така и „Имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивeн заеднички имот. При делбата на тој имот соодветно се применуваат одредбите за делба на заедничкиот имот на брачните другари“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира