Реката Сена во Париз е повторно отворена за пливање, за првпат од 1923. Ова се смета за клучно наследство на ланските Олимписки игри во Париз, кога пливачите на отворени води и триатлонците се натпреваруваа во Сена, која беше специјално исчистена за настанот.
На реката има три означени области за пливање: во близина на Ајфеловата кула, кај катедралата Нотр Дам и во источен Париз. Зоните имаат соблекувални, тушеви и лежалки за најмногу 300 луѓе. Спасувачите исто така ќе бидат присутни покрај реката.
До крајот на август, трите места за капење ќе бидат отворени во закажано време за сите над 10 или 14 години, во зависност од локацијата.
Повеќе од 100 години пливањето во Сена беше забрането поради штетно ниво на загадување. Ветувањето за укинување на забраната датира од 1988, кога тогашниот градоначалник на Париз и иден претседател Жак Ширак прв се заложи за ова. Подобрувањата во последните 20 години доведоа до значително намалување на фекалните бактерии што влегуваат во реката.
Пред Олимписките игри беа инвестирани повеќе од 1,4 милијарди евра во чистењето на Сена. Но, пред ОИ имаше сомнежи дали реката ќе биде подготвена откако не ги помина тестовите за квалитет на водата. Минатиот јули, градоначалничката Ан Идалго и други членови на Олимпискиот комитет влегоа во Сена за да докажат дека е безбедно да се плива во неа.