Пожарот кој денес ја имаше зафатено тревата околу депонијата Мгленци, попладнево префрли во самата депонија каде Општина Битола го депонира сметот, па се запали дел од ѓубриштето. Директорот на Јавното претпријатие „Комуналец“ Горан Степановски рече дека е зафатен мал дел од депонијата, кој се обидуваат да го изгаснат.
Тој изрази сомнеж дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.
„Наши вработени со булдожер се обидуваат да го затрупаат запалениот дел со земја. Очекуваме за скоро да биде локализиран. Беше запалена трева, а огнот од силниот ветер префрли на депонијата. Проблемот е што тревата најверојатно е запалена од човечки фактор, не е првпат некој да се пали, секоја година ни се случува истото“, рече Степановски.
Командирот на битолската Противпожарна единица, Христијан Тодоровски, рече дека околу депонијата изгореле околу 60 до 70 хектари со ниска трева, а потоа се запали и ѓубрето. Екипи на Територијалната противпожарна единица се на терен потпомогнати од вработени во РЕК „Битола“ и други доброволци.
Ж. ЗДРАВКОВСКА