ФРЛЕНИ ДРВЕНИ ПАЛЕТИ НАМАЧКАНИ СО БЕНЗИН, НЕКОЈ НАМЕРНО САКАЛ ДА ГО РЕАКТИВИРА ПОЖАРОТ КАЈ ЧУЧЕР-САНДЕВО, РЕЧЕ АНГЕЛОВ

    ФРЛЕНИ ДРВЕНИ ПАЛЕТИ НАМАЧКАНИ СО БЕНЗИН, НЕКОЈ НАМЕРНО САКАЛ ДА ГО РЕАКТИВИРА ПОЖАРОТ КАЈ ЧУЧЕР-САНДЕВО, РЕЧЕ АНГЕЛОВПожарот во Чучер-Сандево е под контрола. (Фото: ДЗС)

    Директорот на дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска кажа дека имало обид намерно повторно да се реактивира пожарот кај Чучер-Сандево кој сега е под контрола. Додека пожарникарите го догасувале пожарот нашле фрлени дрвени палети премачкани со бензин.

    „За пожарот кој во недела на пладне изби над патот за Блаце, а потоа се прошири кон Чучер-Сандево, се појавуваат нови индиции дека е подметнат. Денес утрово пожарникарите најдоа дрвени палети намачкани со бензин и фрлени во смреки. Некој намерно утрово сакаше да го реактивира овој пожар кој сега е под контрола“, рече Ангелов.

    Тој апелира до граѓаните да пријавауваат на бројот 112 ако забележат сомнителни ситуации, односно луѓе што носат со себе дрвени палети. Вели дека не се точни информациите оти синоќа во Чучер-Сандево изгореле три куќи и дека бил загрозен манастирот.

    Како што соопшти Центарот за управува со кризи (ЦУК), во моментов активни се седум пожари. Во Општина Прилеп кај село Бешиште гори мешана шума, во Општина Македонски Брод помеѓу село Црешнево и село Слатин гори деградирана дабова шума и грмушки, во Општина Чашка под Солунска глава, меѓу изворите на Бабуна и Бабина Дупка има само чад, карпест терен. Во Општина Чучер-Сандево помеѓу село Блаце и село Чучер гори мешана шума и ниска вегетација, во Општина Шуто Оризари запалена е депонија, во Општина Дојран кај село Николиќ гори нискостеблеста шума и во  Општина Крива Паланка кај село Жидилово гори борова шума.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира