АКО ВИДИТЕ СОМНИТЕЛНО ЛИЦЕ СО ДАСКИ, ПЕЛЕТИ ИЛИ ШИШИЊА БЕНЗИН, ПРИЈАВЕТЕ НА 112, АПЕЛИРА АНГЕЛОВ

    АКО ВИДИТЕ СОМНИТЕЛНО ЛИЦЕ СО ДАСКИ, ПЕЛЕТИ ИЛИ ШИШИЊА БЕНЗИН, ПРИЈАВЕТЕ НА 112, АПЕЛИРА АНГЕЛОВАнгелов рече дека вчера изгаснале 66 пожари. (Фото: ДЗС)

    Апелирам до сите граѓани ако забележат лица како носат даски, пелети, шишиња и садови погодни за носење бензин, веднаш да пријават на 112 или во која било полициска станица, рече на денешната прес-конференција Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

    Ангелов рече дека вчера изгаснале 66 пожари. Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 12 часот регистрирани се 16 пожари, од кои 8 се активни, под контрола 5, а изгаснати се 3.

    „Годинава пожарите почнаа порано. Имаме сериозни индиции и основано сомнение дека се подметнати.  Пред три дена најдоа пелети премачкани со бензин, вчера најдоа гуми“, кажа Ангелов.

    Тој исто така апелираше до граѓаните, особено оние кои живеат близу шуми да си ги исчистат дворовите.

    Пред прес-конференцијата, Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека вчера  во Гази Баба, поточно во близина на месноста Ајватовски Рид кај населбата Илинден во 23:40 часот полициски службеници при преглед на три малолетни лица, странски државјани, во ранец пронашле две шишиња со по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и течен лепак, по што истите се лишени од слобода. Во присуство на дежурен тим на Јавна установа центар за социјални работи и адвокат обавен е службен разговор, по што со потврда за предавање на лица истите се предадени на ЈУМЦСР.

    Во близина на Раштански Пат, поточно на стариот пат кон Смилковско Езеро, вчера околу 22:00 часот по настанатиот пожар и по преземени мерки и дејствија на опожарениот дел пронајдени се жици од запалена гума, една ракавица и дел од ракавица, по што од ЕУМНА при СВР Скопје се подигнати за вештачење.

    Ангелов кажа дека од денеска е објавен повикот за ангажирање на 400 доброволци пожарникари, ќе трае 5 дена и заинтересираните треба да се пријават онаму каде се објавени огласите. Платата е 24 илјади денари, плус платено здравствено осигурување.

    „Можам да кажам дека има голема заинтересираност. Знам дека платата не е примамлива, но целта ни е да ги одбереме најдобрите, кои ќе бидат примени во противпожарните бригади и во ДЗС“, додаде Ангелов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира