Граѓани повеќе од еден час седат во автомобилите на влезот пред Охрид, километарската колона возила не мрда и не може да се влезе ниту излезе од градот. Полицајците кусо им одговораат дека сообраќајот е закочен поради делегација.
Денеска во 11 часот во посета на Заливот на коските беше владина делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски. Во 14:30 часот претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го прими претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во работна посета на земјава. Тие вечерва заедно ќе присуствуваат на отворањето на 65. издание на Охридско лето.
Граѓани кои се јавија во нашата редакција велат дека се запрепастени од тоа што немаше најава за затворање улици и сообраќај, и дека да знаеле за ваква блокада, немало ни да тргнат во овој период на овие температури за Охрид.
„Не е првпат да доаѓа државна делегација во Охрид, ниту странски државници, нити пак светски гости. Па Хозе Карерас дојде, немаше ваква блокада. Никој не ни кажува до кога ќе стоиме во место“, вели граѓанка која еден час е заглавена кај Подмоље.
Од СВР Охрид велат дека преземаат посебни безбедносни мерки, со цел непречено одвивање на предвидените активности пред отворањето на годинешниот фестивал Охридско лето.
Во делот на сообраќајот, на булеварот Туристичка, на булеварот Македонски просветители и кејот Македонија од кружниот тек кон улиците Цар Самоил, Коста Абраш, Илинденска, Кирил и Методиј и Абас Емин како и кај паркинг просторот кај Горна Порта и другите приоди кон Античкиот театар, ќе биде забрането запирање и паркирање на патнички и други моторни возила вклучително и на регионалниот пат Охрид-Свети Наум, во делот кон хотелскиот комплекс „Инекс“.
На овие места, ќе има присуство на полициски службеници кои ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот и непречено. движење на возилата со придружба. Покрај овие, предвидени се и други безбедносни мерки на подрачјето со цел, зачувување на стабилната и поволна безбедносна состојба во областа на јавниот ред и мир.
„СВР Охрид, апелира до граѓаните, поради огромното значење на фестивалот на домашен и меѓународен план, да покажат разбирање за мерките, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и со цел избегнување сообраќаен метеж, доколку немаат итна и неодложна потреба, да се воздржат од користење на своите приватни возила“, велат од СВР Охрид.
Б. НЕСТОРОСКА