КОЊАНОВСКИ, ПОГОЛЕМ ГЛУМЕЦ СТЕ ОД ДВОЈЧЕ, МУ РЕЧЕ ИЛИЕВСКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, А ТОЈ Ѝ ДАДЕ ПЕХАР ЗА КОЧЕЊЕ ЕУ ПРОЕКТИ

    КОЊАНОВСКИ, ПОГОЛЕМ ГЛУМЕЦ СТЕ ОД ДВОЈЧЕ, МУ РЕЧЕ ИЛИЕВСКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, А ТОЈ Ѝ ДАДЕ ПЕХАР ЗА КОЧЕЊЕ ЕУ ПРОЕКТИ

    Претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од Поинаку, на советничката говорница го извади црвениот камен од велосипедската патека сакајќи да укаже на слабостите на проектот за кој рече дека граѓаните ги чинел 500.000 евра. На ова, Коњановски ѝ врачи пехар велејќи дека е кочничар на ЕУ проектите, по што таа му возрати: „Коњановски, поголем глумец сте од Двојче (Владимир Талески)“.

    На седницата на која е ребалансот на буџетот, во чија рамка треба да бидат вклопени проекти за кои Општината доби средства од Владата , како и усвојување на Нацрт-Детален урбанистички план (ДУП) кој предвидува нов спортски комплекс во Нова Битола, беа изнесени остри критики.

    „Градоначалник во заминување, дали не ви е срам да ја лажете битолската јавност? Ова е изјава на официјална страница на Општината, од 19.11. 2021 година, пишува изградба на објект на противпожарна единица и спортски комплекс во поранешната касарна. Пишува, Програмата за развојни планови беше едногласно усвоена. Денес во касарната има почнато зграда за пожарната, но каде е спортскиот комплекс кој велите дека не сакаме да го гласаме? Не ви е срам да ги лажете луѓето? Две и пол години што правевте во касарната, оти не го изградивте, од нас беше изгласан’’, рече Илиевска, а на говорница го извади и каменот од велосипедските патеки.

    Коњановски одговори додека камењата за некои се камен на сопнување, но дека поважна од нив е велосипедската патека.

    „За разлика до вас кои делите камења, јас ќе ви поделам нешто друго. Ова е пехар, кој се доделува за исклучителен придонес на Габриела Илиевск , шампион за кочење на ЕУ проекти во периодот 2021/ 2025 година. Четири години нула проекти, резултат неприкосновен. Го заслуживте овој пехар, повелете“, рече Коњановски.

    Илиевска му возврати: „Коњановски морам да признаам дека поголем глумец од Двојче сте“.

    „Овој пехарот изгледа има останато таму каде што перете пари и доделувате пехари по тие настаните, каде што ни ги крадете парите. Фала ви на честа, но еден човек не може да го кочи Советот, треба 16. Милиони му потрошивте на народот, едни клозети во пазарот немате направено, мултифиункционален комплекс ќе сте направеле. Не ви е срам? Па, пехари ќе давате“, рече Илиевска.

    Градоначалникот одговори дека има надлежни институции да испитуваат кој пере пари.

    Велосипедските патаки локалната власт сакаше да ги изгради со парите наменети од ЕУ проектот за реконструкција на ресторанот „Парк“. Но, мнозинството советници се спротивставија обвинувајќи дека општинските власти потпишале анекс кон основниот договор за пренамена на средствата без одлука на Советот. Потоа, патеките беа изградени со пари од буџетот, а на видеоспотот за нивна промоција пишува дека се дел од европскиот проект.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира