ЖЕНА ПОВРЕДЕНА ВО ПОЖАР ВО ЦЕНТАРОТ НА ШТИП, СОСЕДИТЕ НЕ МОЖЕЛЕ ДА ГАСНАТ ОТИ СНЕМАЛО ВОДА ВО НАСЕЛБАТА

    ЖЕНА ПОВРЕДЕНА ВО ПОЖАР ВО ЦЕНТАРОТ НА ШТИП, СОСЕДИТЕ НЕ МОЖЕЛЕ ДА ГАСНАТ ОТИ СНЕМАЛО ВОДА ВО НАСЕЛБАТАЖената се здобила со изгореници по рацете кога се обидела да го изгасне огнот (Фото: СДК.МК)

    Попладнево во центарот на Штип во близина на Горно Маало избувнал пожар во куќа, при што жена се здобила со изгореници по рацете кога се обидела да го изгасне огнот, што почнал од шпоретот. Соседите не можеле да интервенираат со вода затоа што пред тоа во целата населба снемало вода од градскиот водовод.

    Некои од соседите носеле вода со канти, а други се обидувале да ја извлечат жената, која паднала во собата. Брзо пристигнала и противпожарната единица, која поради тесните сокаци не можела да се приближи до куќата, но заедно со соседите успеале некако да ја спасат жената.

    Како што кажуваат соседите, откако пожарот почнал да се шири во собата и да го зафаќа таванот, се случило да заврне дожд, па не се запалил и кровот.

    Еден од синовите кој живее со мајка му веднаш дошол дома кога бил информиран за пожарот, но таа веќе била однесена во болница и хоспитализирана на хирургија, каде што ѝ се укажува помош на изгорените раце.

    Кога нема вода во населбата, џабе е што сите во маалото имаме чешми со црева во дворовите. Многупати, и преку месната заедница и директно во општината, сум барал да се преземе нешто овие сокачиња некако да се прошират, токму од вакви причини, кога има потреба во нив да влезе пожарна, а место нема“, вели синот на повредената жена.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира