Јетон Селмани од Струга нема пристап до својот дом откако соседот пред три години го узурпирал државниот пат поставувајќи метална ограда и со тоа ја блокирал неговата влезна дворна врата. Вели дека колите ги паркира надвор оти не ги собира во делот кој е оставен слободен. Узурпирани се околу 15 метри квадратни пред самиот влез од куќата на Јетон со што половина од вратата е блокирана. Вели дека е револтиран и од несовесноста на соседот, но и од неажурноста на институциите кои не реагираат на неговите пријави.
„Со возилото не можам да влезам. Секаде имам пријавено, во општина, кај инспектори, пријавено е и во полиција. Пред две години во комуналната инспекција, имаше 5-6 луѓе внатре седнати, и едниот од нив не се сеќавам точно кој, а да се сетам со име ќе го кажам, ми рече ‘Ајде Јетон те молам не мачи се многу зошто човекот е појак од тебе’ и со двата прсти како знак за пари ми покажа“, тврди Јетон.
Јетон се обратил до сите надлежни институции, Општина Струга, до Одделението за инспекциски надзор, комунален инспекторат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам-Скопје, за да си обезбеди пристап до својот дом.
Градежен инспектор при Општина Охрид излегол на лице место во декември 2023 година.
„Имам поседовен лист дека местото кое е узурпирано е државно, патот е државен, земјиштето е државно, поседовен лист имам од мојот двор од мојата куќа и помошните објекти кои ги имам. Вратата ми е блокирана од узурпирано место, а државните власти надлежни за оваа работа не преземаат ништо. Имав барање и до Скопје до инспекторатот и тие испратија писмо до Општина Струга да се преземат мерки за отстранување на металната арматура со која е заграден патот. Половина од влезната врата ми е блокирана од човек кој е по потекло од струшките села, живее во Швајцарија, а доаѓа тука две-три недели“ раскажува Јетон.

Јетон се обратил до сите надлежни институции, Општина Струга, до Одделението за инспекциски надзор, комунален инспекторат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам-Скопје, за да си обезбеди пристап до својот дом. (Фото: СДК.МК)
Тој побарал инспекторатот да му наложи на соседот да ја отстрани поставената ограда од жица која е поставена на земјиште во сопственост на државата.
„Патиштата кои се во сопственост на државата треба да служат за доброто на сите граѓани, а не одредени лица своеволно да вршат узурпација на недвижен имот“, додава Јетон.
Вели дека секаде се обратил, молел да се преземе нешто за да не се случи инцидент оти нетрпеливоста е сè поголема.
Соседот на Јетон не го најдовме дома за да ја слушнеме неговата страна од приказната, а од Општина Струга не успеавме да добиеме одговор дали и кога ќе се преземат мерки за да се оспособи пристапот до домот на Јетон оти никој не одговараше на нашите повици.
Јетон се надева дека конечно правдата ќе ја добие по судски пат.
„Откако ја поставија арматурата, поставија зелено платно. Синот стана сабајлето и кога виде отиде да го тргне. Го пријавија за оштетување на оградата. Претходно јас преку адвокат го пријавив. На 14-ти овој месец имаше рочиште за пријавата на мојот син, пресуда сѐ уште не е донесена. Тужбата за узурпација на државно земјиште е друг предмет. Имавме и инциденти, проба и физички да се пресмета, откако се случи овој проблем. Судот верувам дека ќе пресуди во моја корист. Очекувам тоа да е овие денови“, вели Јетон.
С. ВРЕНЦОВСКА