Судијката Лидија Петровска од Основен кривичен суд Скопје, по која судството од времето на Никола Груевски и на Сашо Мијалков беше наречено „сваровски судство“ како синоним за избор на судии од партиски тефтер, е унапредена во судијка за организиран криминал и корупција. Таа, всушност, се врати во Oдделот за гонење организиран криминал и корупција, од каде што во 2017 беше сменета во Одделот за криминал на полнолетни.
Неа пред десетина дена ја унапредила новата в. д. претседателка на Кривичниот суд Даниела Димовска, која Судскиот совет ја избра на функцијата на 3 јули.
Петровска доаѓа на местото на Димовска, која го почна големиот корупциски предмет предметот „Адитив“, со 37 обвинети за проневера со набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“. Судењето сега почнува одново, поради смената Димовска-Петровска. Таа ги презема и останатите предмети на Димовска.
По поднесувањето на обвиненијата од тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), случајно или не, најбитните се паѓаа да ги суди Петровска. Тоа беа судските процеси за „Тврдина 2“, „Тенк“, „Транспортер“, „Триста“ и други. На 17 јануари 2017, откако на судењето „Тврдина 2“ на новинарите не им дозволи да го сликаат обвинетиот началник на Петтата управа во МВР, сега избеганиот Горан Грујевски, Петровска потоа и ги отстрани од судница.
Само да не го почне судењето, Петровска бараше декласифицирање на доказите на СЈО против обвинетиот началник. Така дојде летото, и Горан Грујевски заедно со сообвинетиот Никола Бошкоски избегаа во Грција и оттогаш не се вратија.
Петровска беше спомената од Софија Лаличиќ во разговор со тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, кога тој ѝ реферира кои судијки покрај неа ги договорил за избор тогашниот Судски совет.
Од тој разговор произлезе фразата „сваровски судство“, која што стана синоним за нефункционирањето на македонската правна држава.ж
Еве извадок од транскриптот на разговорот меѓу Сашо Мијалков (СМ) и Сафија Лаличиќ (СЛ) од прислушуваните разговори во таканаречените „бомби“, во кој што се споменува и судијката Лидија Петровска:
СЛ: Како!? Добро. А што сакав да те прашам. Другите кои ги договоривте?
СМ: Уште една таа од КС, како се викаше?
СЛ: Лидија Тупанчевска, ме зезаш?
СМ: Не, Петровска бе, не Тупанчевска.
СЛ: Тупанчевска се презива, таа му е на Тупанчевски братучетка.
СМ: А?
СЛ: Тоа ѝ е моминско, ѝ е Тупанчевска, Петровска ѝ е од мажот.
СМ: Аха. Иначе која е, како е она?
СЛ: Па на Тупанчевски му е братучетка. Е значи го испуши кај Лидија, и го испуши. Значи, цел „сваровски“ ѝ го купи и го испуши.
СМ: Она ја предложи оваа, ама ако не, можам да ја откачам ја.
СЛ: Е што, она пушеше кај Лидија секој ден „сваровски“ поклони ѝ купуваше. И ја купи Лидија за поклоните сега…сум ти кажала за Тупанчевска уште пред година дена, нели сум ти кажала за Тупанчевска да памтиш.
СМ: Добро, ајде нема везе ако му е братучетка. Имам ја братучеди што не ги ни познавам.
СЛ: И добро, друг?
СМ: Толку е, што.
СЛ: Е па, три места има.
СМ: Е па третото слободно е, до понеделник.
СЛ: Што збориш, бе?
СМ: Каква е таа, кажи ми?
СЛ: На Тупанчевски му е братучетка. Јас многу фино стојам со неа, коректна е. Ама многу пуши, многу лиже г`зови, вештачка е. Кај мене не знаеш, она почна да ме части, бесплатни козметички работи…
СМ: Ама сега, ќе ја викам ја неа кај мене, ќе ја видам ја, тоа не може да пројде така.
СЛ: Ти не знаеш каков г`золижач е. Мене ме частеше ваучери за да идам на козметичари за да ме купи за ова.
СМ: Таа утре ќе се сврти, а?
СЛ: Таа? А бе, како да ти кажам. А бе, за Вики на Жане Белозова сестра ѝ, не завршивте работа?
Петровска никогаш не поднесе тужба за клевета против Лаличиќ, ниту бараше извинување од неа.
С. К. ДЕЛЕВСКА