Спречен е обид за подметнување на пожар во Царев врв, на надморска височина од 2.000 метри, кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Тој рече дека вчера доцна попладне екипи на Национални шуми од Крива Паланка заедно со полицијата откриле 30 расфрлани гуми помоѓу нив и дрвја и картонски кутии.
„Повеќе од очигледно поставени и подготвени да се предизвика нов пожар. Во близина на местото се наоѓа шума, па пожарот можеше да помине во квалитетна шума и можеше да биде тежок за гасење. Ги повикувам сите граѓани кои ќе забележат сомнителни движења, кои со себе носат дрва, даски и туби со бензин веднаш да пријават на 112“, рече Ангелов.
Тој на денешната прес-конференција кажа дека на огласот за привремени пожарникари се пријавиле 500 кандидати. Во Скопје бројката е мала односно пријавени се само 50 лица, а се бараа 80.
„Лицата во наредните два дена ќе бидат контактирани, ќе се изврши обука и селекција на оние кандидати кои ги исполнуваат условите за да бидат вклучени во гасење на пожарите“, рече Ангелов.
Ангелов апелираше до граѓаните кои имаат куќи во селата и викендици на планинските места да ги одржуваат дворовите, да ја касат тревата и редовно да ја полеваат, за да се спречат нови пожари.
А. АНТЕВСКА