Кога чув дека во Скопје се одржува Младинска олимпијада веднаш го земав велосипедот и отидов на стадион да ги гледам младите атлетичари, вели 90-годишниот Светислав Петровиќ, поранешен атлетичар и првак на Македонија во скок со стап.
Тој дознал дека во Македонија се одржува Европска младинска олимпијада од неговиот внук, кој бил волонтер. Иако оваа недела температурите беа и над 40 степени, тоа не го спречило да помине ден на стадионот „Тодор Проески“ и да ги бодри младите шампиони.
„Тренерот на Полска кога ме виде на стадион ме препозна по видеото и старите слики што му ги покажувал внук ми Марко, кој беше волонтер на Олимпијадата. Ме покани да седиме заедно и од клупата да ги гледаме натпреварите. Пресреќен сум што по 65 години гледав млади шампиони во нашето Скопје како се натпреваруваат во скок со стап“, ни изјави 90-годишниот Петровиќ.
Петровиќ бил член на клубот „Работнички“ и шампион на Македонија во скок со стап во 1958 година со висина од 360 сантиметри.
„Во тоа време се скокаше со алуминиумска мотка и се паѓаше со доскок на нозе. Се сеќавам дека вежбавме со тркала од воз ставени на железна шипка. Така кревавме тегови“, вели Светислав.

Петровиќ бил член на клубот „Работнички“ и шампион на Македонија во скок со стап во 1958 со висина од 360 сантиметри. (Фото: Фејсбук)
Петровиќ е татко на сопственикот на Радио „Буба Мара“ Ранко.
Од 20 до 26 јуни во Скопје и Куманово се одржуваше ЕМОФ 2025, на кој настапија над 4.000 млади спортисти од 49 европски земји. За Олимпијадата немаше никаква промоција, јавоста дозна дека таа се одржува дента кога почнаа натпреварите. Дел од учесниците се жалеа на лоша организација во однос на сместувањето и превозот. Двајца велосипедисти од Исланд беа удрени од автомобил додека тренирале за настапот.
А. АНТЕВСКА